Ракометарите на Металург забележаа нов минимален пораз во регионалната СЕХА лига. Мешков Брест во средата, славеше во Скопје 25-24 (11-11).
Младиот состав на Металург и во третиот меч во СЕХА конкуренцијата, одигра добро беше рамноправен противник, но неискуството и недостигот на спортска среќа го однесоа во пораз.
Металург успеа против белорускиот состав да го наметне бавниот ритам во нападот, одбраната функционираше добро, голманот Арсиќ бранеше добро, но Драгаш на истекот на времето не успеа да постигне гол за израмнување.
Двата тима одиграа израмнет натпревар, во кој ниту еден тим немаше предност поголема од четири гола и поради тоа победникот се решаваше во финишот.
Стојковиќ од седмерец погоди за 25-24, а обидот на Драгаш, во последниот напад на мечот, беше изблокиран.
Костески со седум голови го предводеше Металург, шест постигна Талески, а по три Драгаш и Пешевски.