Пред нас се последните 24 часа од летниот преоден рок, кој ќе се памети по Пол Погба, кој го направи најголемиот трансфер во историјата на фудбалот. Сепак, последниот ден се очекува вистинска лудница на фудбалскиот пазар, бидејќи неколкумина играчи кои се вистински фудбалски ѕвезди, од разни причини, можат да ги сменат клупските бои.
Хамес Родригез (Реал Мадрид) – Овој играч блесна на Мундијалот во Бразил, поради што претседателот на Реал Флорентино Перез реши да издвои 80 милиони евра за да го донесе од Монако. Селак колумбискиот мајстор во Мадрид не успеа да се избори за поголема минутажа и веројатно тоа нема да се смени ниту во новата сезона. Реал би бил задоволен доколку за Хамес сега добие 60 милиони евра, а како потенцијални купувачи се споменуваат ПСЖ, односно Манчестер Јунајтед, додека Челзи е подоготвен да го донесе на позајмица.
Иско (Реал Мадрид) – Иско не е на продажба велат од Реал, но исто така е јасно дека овој талентиран фудбалер многу тешко ќе избори поголема минутажа кај Зинедин Зидан. Иако велат дека играчот не се продава, се претпоставува дека Реал ќе попушти доколку за Иско стигне понуда помеѓу 40 и 50 милиони евра. Наводно Тотенхем, Милан, Арсенал и Јувентус покажуваат сериозен интерс за Иско.
Јулијан Дракслер (Волфсбург) – Германскиот репрезентативец зад себе има добра сезона, а блесна и на европското првенство. Наводно е незадоволен во Волфсбург и побарал да биде продаден. Челниците на клубот не помислуваат на таа опција, иако добиле понуда од 75 милиони евра за овој 22-годишен фудбалер.
Марсело Брозовиќ (Интер) – Еден од најдобрите играчи на Интер минатата сезона, во која италијанскиот великан продолжи да тоне. Хрватскиот репрезентативец играше добро на ЕУРО 2016, но Интер ќе мора да го продаде само поради финансискиот фер плеј. Имено во клубот досега пристигнаа Антонио Кандрева, Жоао Марио и Габриел Барбоса, па клубот од „Џузепе Меаца“ мора да продаде за да избегне казна од УЕФА. Според англиските медиуми Брозовиќ до крајот на преодниот рок за 30 милиони евра ќе се пресели во Челзи.
Сеск Фабрегас (Челзи) – Некогаш ценет и баран на фудбалскиот пазар по доаѓањето на Антонио Конте стана вишок во Челзи. Шпекулациите велат дека самиот им се нудел на Барселона, Реал, ПСЖ и Јувентус но споменатите клубови го одбиле. Постои можност да се пресели во Интер како дел од трансферот на Брозовиќ.
Бастијан Швајнштајгер (Манчестер Јунајтед) – Екс капитенот на германската репрезентација стана вишок во клубот веднаш по доаѓањето на Жозе Мурињо. Португалскиот тренер го префрли во вториот тим јасно ставајќи му до знаење да си бара нов клуб. Германецот најверојатно кариерата ќе ја продолжи во САД.
Јаја Туре (Манчестер Сити) – Клучниот играч на Сити, кој во 2010 година пристигна во клубот од Барселона која ја напушти поради Пеп Гвардиола. Овие двајца не се во добри односи, поради што јасно беше дека Јаја Туре ќе си замине од тимот кога газдите го именуваа Гвардиола за нов менаџер. Интер го сака овој 33-годишен фудбалер во своите редови, но најверојатна е опцијата дека ќе замине во Кина.
Вилфред Бони (Манчестер Сити) – Сонародникот и соиграчот на Јаја Туре е најголемото трансфер промашување во историјата на Манчестер Сити. За трансферот на овој напаѓач „граѓаните“ во јануари 2015 година издвоија 35 милиони евра, но тој не ги оправда парите кои клубот ги вложи. Откако му пропадна трансферот во Вест Хем, кој потпиша со Симоне Заза, се шпекулира дека тој ќе заврши во Евертон.
Муса Сисоко (Њукасл) – Одличните настапи на ЕУРО 2016 го зголемија интересот, а со тоа и цената на одличниот играч од редот за врска. Њукалс сезонава настапува во втората англиска лига (Чемпионшип), но доколку некој понуди 40 милиони евра тој е слободен да замине од клубот. На почетокот од преодниот рок се поврзуваше со трансфер во Реал, а наводно интерес покажува и Тотенхем.