18 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОИван Чупиќ четири години во Вардар

Иван Чупиќ четири години во Вардар

ivan cupic333

Хрватскиот ракометен репрезентативец Иван Чупиќ договори четиргодишна соработка со македонскиот шампион Вардар. 30-годишниот играч е четврто засилување за Вардар во пресрет на новата сезона.

Иван Чупиќ во Вардар доаѓа од редовите на Кјелце, екипа која со години доминира во првенството на Полска, а која сезонава ја освои титулата во Лигата на шампионите.

„Задоволни сме што во нашите редови во иднина ќе имаме играч кој бил европски првак и го знае тоа чувство. Вардар има амбиции да се искачи што е можно погоре на ракометниот европски врв и секогаш сака да ги има во своите редови оние што можат да му помогнат во остварување на таа цел. Веруваме дека Иван брзо ќе се вклопи во нашиот тим и заедно со Данил Шишкарев ќе бидат одличен тандем на позицијата десно крило“, изјавил за клупската интернет страница Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Чупиќ ќе и се приклучи на екипата по завршувањето на Олимпијадата во Рио каде настапува за репрезентацијата на Хрватска, заедно со Игор Карачиќ и Лука Циндриќ.

Деснокрилниот ракометар кариерата ја започнал во Метковиќ, а пред да пристигне во Вардар играл за Медвешчак, Октавија Виго, Горење Велење, Рајн Некар и Кјелце. Со хрватската репрезентација има две сребра (2008, 2010) и две бронзи (2012, 2016) на европските првенства, сребро (2009) и бронза (2013) на светските првенства и олимписка бронза во 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП