7 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСелекторот на одбојкарите Ристовски поднесе оставка

Селекторот на одбојкарите Ристовски поднесе оставка

zarko ristovski 335353

Жарко Ристовски поднесе оставка на функција селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија. Ристовски со националниот тим ги постигна најдобрите резултати во историјата на македонската одбојка, тој успеа во изминатите три години да избори пласман на завршите турнири во Европската лига, а оваа и минатата година репрезентацијата го освојуваше второто место.

Ристовски, кој во новата сезона ќе работи во Швајцарија, како тренер на Шоненверд, за оставката писмено ја извести одбојкарската федерација, Агенцијата за млади и спорт и македонската јавност.

„Ве известувам дека денеска поднесувам оставка од функцијата селектор на македонската одбојкарска репрезентација.Оваа одлука ја донесов пред почетокот на овогодинешната Европска лига, а за истата го известив и претседателот на ОФМ Петар Јовановски на состанок одржан уште пред подготовките. Со оглед на тоа што оваа есен нé очекуваат квалификации за Европско првенство, сметам дека е вистинско време за повлекување на ваков потег, за надлежните да имаат време да изнајдат соодветно решение, а и репрезентативците да се прилагодат на тоа.

Во текот на изминатите три години, функцијата селектор на македонската одбојкарска Репрезентација ја извршував без писмен договор и финансиска надокнада, сепак ми претставуваше голема чест и огромно задоволство да ги бранам боите на нашата држава и да ја предводам репрезентацијата до учество на три Фајнал 4 турнири од Европската лига, каде што двапати едноподруго сме вицешампиони.

Како што добро знаете, во овие три години иако соочени со многубројни проблеми и на кадровски, и на организациски план, со голем ентузијазам, желба и мотивација успеавме да ги пребродиме сите проблеми и да оствариме резултати за почит, со кои верувам дека придонесовме за подобро расположение на сите македонски граѓани во изминатите три лета. За тоа најмногу се заслужни одбојкарите, кои во манир на големи спортисти во доменот на своите можности, максимално се вложија во споменатите резултати. Покажаа и докажаа дека кога се игра со срце, со посветеност и со вистинска стратегија понекогаш може да се постигнат резултати и над објективните можности. А нам тоа ни се случуваше во континуитет, сите изминати три години.

Во ова обраќање сакам да истакнам голема благодарност до претседателот на ОФМ Петар Јовановски, како и до членовите на Извршниот одбор Ивица Хаџи Иљовски и Љупчо Крстевски за поддршката и укажаната доверба да ја водам оваа репрезентација. Исто така и на моето потесно семејство, на мојот син, на сопругата, на пријателите, јавните медиуми, сите познавачи, поддржувачи, за нивната безрезервна поддршка што ми ја даваа во текот на целиот овој период.

Огромна благодарност до репрезентативците, за искажаниот професионален однос и соработка, за нивната максимална посветеност на тренинзите и натпреварите. На сите ним им посакувам добро здравје и уште подобри резултати во иднина, како со репрезентацијата на Македонија, така и во клупската кариера. Секако, благодарност и до сите медиуми кои ни даваа поддршка и веруваа во она што го правиме во изминатиот период, како и на македонската спортска јавност, која можеби по малку ја изненадивме, но секако ја израдувавме со постигнатите резултати.

Мојата дваесет и петгодишна репрезентативна активност како играч, а сега и како селектор засега завршува тука, но тоа не значи дека засекогаш се повлекувам од репрезентацијата, Напротив, како и за секој спортист и лојален граѓанин таа за мене претставува нешто свето и секогаш сум подготвен да помогнам доколку можам, со сите свои потенцијали. Тоа сум го правел и како репрезентативец од помлади категории, па се до сениорската каде што со години бев капитен, а се потрудив да го направам и како селектор, за што зборуваат резултатите. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи во некои подобри времиња , со услови и третман на одбојкарите како што реално ги заслужуваат, како и сите инволвирани во успесите на репрезентацијата. Убеден сум дека со таков приод, наскоро може да ја видиме одбојкарската репрезентација на Македонија на едно големо натпреварување од рангот на европско или светско првенство“, неведе во писмото екс селекторот на одбојкарите Ристовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП