3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМурињо: Сакаме да играме агресивно и да победуваме, сакаме сѐ! (видео)

Мурињо: Сакаме да играме агресивно и да победуваме, сакаме сѐ! (видео)

jose-mourinho man 3

Сакаме да играме агресивно и да победуваме. Всушност, сакаме сѐ. Сакаме да освојуваме трофеи, да играме убаво, сакам да им дадам шанса на младите фудбалери, сакаме поддршка од навивачите. Сакам баш сѐ, порача денес португалскиот тренер Жозе Мурињо, на првата официјална прес конференција како тренер на Манчестер Јунајтед.

„Менаџер сум на најдобриот клуб во државата, не ме интересираат противниците. Мораме единствено да се фокусираме на својата игра, останатите нема ниту да ги гледаме“, рече Мурињо.

Тој најави дека ќе им даде шанса на помладите фудбалери.

„Во својата кариера промовирав 49 фудбалери од младинските академии. Кога би почнал да набројувам, би сфатиле дека станува збор за големи фудбалски имиња“, истакна Мурињо.

Португалецот рече дека капитенот на тимот, Вејн Руни последните неколку сезони талкал по линијата за врска, а на Мурињо тоа не му се допаѓа.

„Некои фудбалери се менуваат низ годините, но она што кај Руни никогаш нема да се промени е неговото чувство за голови. Можеби денеска игра десетка, но тој засекогаш ќе биде деветка. Ќе игра деветка, десетка, девет и пол можеби, не знам ниту јас, но сигурен сум дека нема да игра шестка на 50 метри од голот“, порача Мурињо.

Златан Ибрахимовиќ и Ерик Бејли веќе потпишаа за „црвените ѓаволи“ откако Мурињо беше потврден, а денеска свој потпис стави и Ханјрих Миктаријан.

Новиот почеток, сметаат Англичаните, за Мурињо значи и ново докажување, но тој не се согласува во целост.

„Морам ли да се докажувам по отказот во Челзи? Па видете, некои менаџери во Премиер лигата последен пат ја освоија титулата пред десет години“, рече Португалецот, алудирајќи на менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер. „Некои никогаш тоа не го направиле, а јас го освоив пред една година. Свесен сум, морам повторно да се докажувам, а замислете што останатите мораат оваа година. Јас морам само да се потсетам“.

За заминувањето на легендата на Манчестер Јунајтед Рајан Гигс, Мурињо со свое гледиште.

„Никогаш не бегам од одговорност, но заминувањето на Рајан Гигс не е моја вина. Ја сакаше работата што јас ја добив и веројатно заради тоа си замина. Беше тоа одлука на сопствениците на клубот, управата и на крајот на Гигс“, нагласи Мурињо.

Го спомена и легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед Сер Алекс Фергусон.

„Сер Алекс ми се јави и ми рече ‘понеси чадор’. Одличен совет! Ми рече и да понесам шише вино бидејќи ќе имаме време за по некоја чашка сега кога сум на Олд Трафорд“, рече Португалецот.

На крајот одговори за тоа што му значи овој клуб.

„Што ми значи овој клуб? Не можам тоа да го опишам со зборови, клупата на Јунајтед ја сака секој менаџер на светот, се чувствувам специјално…“, рече Специјалниот. „Ова не е мојата работа од соништата, ова е најдобрата работа што можев да ја добијам“, рече Мурињо на својата прва официјална прес конференција како менаџер на Манчестер Јунајтед.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП