Фудбалскиот клуб Победа, повратникот во Првата лига, ги продолжи со четворица фудбалери кои беа носители на играта во изминатата второлигашка сезона.
„Склучивме повеќегодишни договори со дел од најперспективните фудбалери од досегашниот ростер со кој располага клубот. На взаемно задоволство за продолжување на соработката договоривме со Николче Шаркоски, Јорданчо Наумоски, Стојанче Дунимаглоски и Христијан Петрески. Наредниве денови очекувам да ги обновиме договорите и со други фудбалери од нашиот погон кои беа столб на екипата во минатата второлигашка сезона, а на кои најсериозно сметаме и во престојаното првенство на Првата лига. Би сакал да потенцирам дека во исто време преговараме и со фудбалери од домашното првенство кои настапуваат во клубови од Првата лига, а кои сакаат да бидат дел од нашиот фудбалски колектив“, изјави претседателот на клубот Гоце Ингилизов.
Победа на убедлив начин, на две кола пред крајот на првенството, го освои првото место во Втората лига. Со останувањето во клубот на костурот на екипата кој го сочинуваат исклучиво домашни прилепски фудбалери и со најавите на Ингилизов за ангажирање на засилувања несомнено Победа најавува сериозни амбиции во новата сезона на Првата лига.