23 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЦСКА ја освои Евролигата

ЦСКА ја освои Евролигата

kosarkarkos

Кошаркарите на ЦСКА Москва ја освоија европската титула, откако во драматичното финале во Берлин, по едно продолжение, го совладаа Фенербахче 101:96. Натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 83:83. ЦСКА ја освои седмата европска титула во клупската историја, прва по 2008 година.

ЦСКА доминираше во две третини од натпреварот, три пати во третата четвртина имаше предност од 21 поен, но во финишот капитенот Хријапа со офанзивен скок поентираше, го спаси тимот од пораз и го однесе мечот во дополнителни пет минути.

Македонскиот интернационалец, Перо Антиќ, беше еден од креаторите на пресвртот, кој го направи Фенербахче, тој за 17 минути игра постигна 16 поени (11/12 слободни, 1/2 за два, 1/2 за три). Антиќ, кој има две титули со Олимпијакос, не успеа во своето трето финале да ја освои и третата титула европски првак.

ЦСКА одигра брилијантно во втората четвртина, постигна 28 поени, а на Фенер му дозволи да реализира само 10 поени, од кои дури седум беа постигнати од линијата за слободни фрлања.

Фенербахче приклучок започна да фаќа во последните три минути од третиот период, полека играчите на Обрадовиќ ја топеа предноста на противникот, а на 20 секунди до крајот со поените на Слукас има предност 83:81.

Хријапа на две секунди до крајот од тешка позиција поентираше за израмнување, а во продолженијата играчите на рускиот тим го имаа Де Коло кој непогрешливо ги реалзираше слободните фрлања.

Де Коло кој е прогласен за МВП на завршниот турнир мечот го заврши со 22 поени и седум асистенции, Теодосиќ имаше учинок од 19 поени, пет скока и седум асистенции. Уште четворица кошаркари на ЦСКА постигнаа двоцифрен број на поени: Хајнс 15, Хигинс 12, Воронцевич 11 и Хријапа 10.

Диксон беше најефикасен кај Фенербахче со 17 поени, а покрај Антиќ по 16 кошеви постигнаа Датоме и Јудох кој имаше и 11 скокови. Кај турскиот тим потфрлија Богдановиќ кој постигна само шест поени (0/6 за три) и Весели кој погоди само едно од десетте слободни фрлања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП