Косово, денес на состанокот на УЕФА во Будимпешта, стана 55-та членка на Европската фудбалска унија.
Фудбалскиот сојуз на Косово со просто мнозинство стана член на УЕФА. За приемот на Косово гласале 28 од 54-те членки на УЕФА.
Инаку, првичната намера на Косово била да побара измена на статутот, според кој членка на УЕФА може да биде само држава чија независност ја признава Организацијата на обединетите нации. Предлогот бил статутот да биде заменет со формулацијата дека членка на УЕФА може да биде земја која е призната од „меѓународната заедница во Европа“.
Од 54 земји-членки за промена на статутот гласале 33, што за три е помалку од потребните гласови за двотретинско мнозинство.
Пресудни за УЕФА да оди против својот статут биле зборовите на првиот правник на организацијата, Алисдер Бел, кој рекол дека „Обединетите нации не ги признаваат државите и дека токму поради тоа ова не е треба да биде прашање од областа на правото“.
Откако УЕФА го прими Косово, се очекува истото за десетина дена да го направи и ФИФА, што значи дека оваа репрезентација би можела да биде вклучена во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2018 година, кои ќе започнат во септември.