16 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛШ: Гвардиола со Баварците против војската на Симеоне

ЛШ: Гвардиола со Баварците против војската на Симеоне

atl baern 333

Вечерва по натпреварот во Минхен ќе биде познат првиот финалист во фудбалската Лига на шампиони. На „Алијанц Арена“, полуфиналниот реванш ќе го одиграат Баерн и Атлетико. Минимална предност по првиот меч има мадридскиот тим.

Михенски Баерн, еден од најсилните европски клубови, во изминатите две сезони Лигата на шампионите ја завршуваше во полуфиналето. Реал и Барселона беа непремостливи пречки за Пеп Гвардиола и неговите фудбалери во претходните две сезони.

Судбината и во третата сезона, која воедно е и последна за Гвардиола како тренер на Баерн, на Баварците им донесе шпански претставник.

Полуфиналето со Атлетико е последна шанса за Гвардиола да ја освои европската титула во Баерн.

Баварците, од поразот 0:4 во полуфиналето против Реал во 2014 година, победиле на сите 11 натпревари на домашен терен во Лигата на шампионите, иако во претходните две рунди мораа да вложат максимални напори за да слават против Јувентус, односно Бенфика.

Баерн 18-ти пат игра полуфинале во Лигата на шампионите и досега има позитивен скор 10-7. Во досегашните десет полуфинални соочувања со шпански тимови, Баерн седум пати успеал да мине во финалето. Исто така, Баварците пет пати минале натаму кога првиот меч го загубиле со 1:0, а двапати испаднале.

Атлетико ќе се обиде третпат во историјата да стигне до финалето. Тимот од Мадрид нема победа во двете учества во финалето (1974 Баерн и 2014 Реал).

„Со многу оптимизам го очекуваме реваншот. Сите сме убедени дека можеме да стигнеме до финалето“, рекол капитенот на Баерн, Филип Лам, а дефанзивецот Џером Боатенг додава: „Ние сме силен и моќен тим, особено кога играме на домашен терен. Веруваме дека можеме да стигнеме до финалето. Сигурно нема да биде лесно, но мораме да бидеме трпеливи и да ја чекаме својата шанса“.

Баерн против себе ќе го има најдобриот дефанзивен тим во Европа. Атлетико во 11 натпревари во Лигата на шампионите примил само пет голови, додека во Примера на 36 натпревари Јан Облак е совладан само 16 пати.

„Го сонувам победничкиот пехар. Знам дека сé уште сме далеку од него, но го сонувам европскиот трон“, вели Фелипе Луис, а најдобриот асистент во тимот на Атлетико, Коке, додава: „Нема да биде лесно. Меѓутоа нема да има никаков компромис. Против Барселона покажавме дека сме подготвени за високи дострели“.

Атлетико во Минхен доаѓа со низа од седум победи (шест во првенството и една во Лигата на шампионите), а на шест од овие седум натпревари не примил гол. Јан Облак сезонава е несовладан на 24 натпревари, што преставува клупски рекорд.

„Суштината на фудбалот е да пронајдете фудбалери кои сакаат да победуваат, да трениераат и да се натпреваруваат. Во фудбалот е исто како и во животот. Доколку си работник, ти си вреден работник. Доколку си предавник, ти си предавник. Ако си себичен, ти се себичен. Паралелен е односот во животот и фудбалот“, рекол тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.

Атлетико и Баерн пред првиот полуфинален меч во Мадрид се сретнале во 1974 година, во финалето на Купот на европските шампиони. Првиот меч во Брисел, пред четири децении, завршил 1:1, а новиот меч одигран по два дена му припаднал на Баерн 4:0. Тоа воедно е едиственото финале во кое се одиграни два натпревара.

Двобојот во Минхен ќе започне во 20:45 часот, а главен судија ќе биде Цунејет Чакир од Турција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП