Кошаркарите на Оклахома направија брејк во Сан Антонио и го израмнија резултатот во полуфиналната серија на Западот на 1-1, додека Кливленд предводен од Леброн Џејмс во полуфиналната серија на Истокот, против Атланта поведе со 1-0.
Вториот натпревар од серијата помеѓу Сан Антонио и Оклахома го реши контроверзниот момент во последниот напад, кој директно влијаеше врз конечниот резултат. Бекот на Оклахома Дион Вејтерс, пред да го изведе аутот, со лактот го оттурна Ману Џинобили, потоа Спарси ја украдоа топката, но Тони Паркер не успеа да погоди тројка и Оклахома победи 98:97.
Клучниот момент фаулот на Вејтерс над Џинобили се случи на 13,5 секунди до крајот на мечот, а по завршувањето судиите признале дека направиле грешка.
„Не го забележавме тој фаул додека траеше мечот, додека сите бевме на теренот. Сепак, по прегледувањето на снимката се согласивме дека требаше да досудиме фаул во напад. Ваков случај сме немале претходно, но без сомнение тоа беше чист фаул во напад“, рекол судијата Кен Мауер.
Оклахома до победата ја предводеше Расел Вестбрук со 29 поени, 10 асистенции и седум скокови, додека Кевин Дурент постигна 28 поени. Одличен меч одигра и центарот Стивен Адамс кој забележа двоен ефект од 12 поени и 17 скокови.
Во редовите на Сан Антонио играше само Ламаркус Олдриџ кој постигна 41 поен, а покрај него двоцифрен учинок имаа уште само уште Каваи Ленард со 14 и Ману Џинобили со 11 поени.
Кливленд и Атланта минатата сезона играа во финалето на Истокот, а оваа сезона се среќаваат во конференциското полуфинале. Кливленд победи во првиот меч 104:93. Леброн Џејмс го предводеше тимот со 25 поени, девет асистенции, седум скокови и пет украдени топки, Кајри Ирвинг уфрли 21 кош, а Кевин Лав забележа 17 поени и 11 скокови.
Германецот Денис Шредер со 27 поени беше најефикасниот играч на Атланта, Пол Милсап постигна 17, а Кент Бејзмор 16 поени.