Атлетико Мадрид и Баерн Минхен денес ќе го одиграат својот прв полуфинален натпревар во Лигата на шампионите. Атлетико втор пат во последните три сезони во оваа фаза во ЛШ, додека Баерн петти пат во низа е полуфиналист.
Атлетико против Баерн ќе се обиде да ја повтори сезоната 2013/2014 кога стигна до финалето, иста цел имаат и Баварците кои изминатите две сезони токму во оваа фаза ги завршуваа своите настапи. Пред две сезони Баерн го загуби полуфиналето од Реал, а минатата сезона од Барселона. Двата шпански клуба подоцна ја освојуваа титулата.
Целта на Баерн е трофејот, со кој ќе се збогуваат од тренерот Пеп Гвардиола. Во слична позиција Баварците беа и во сезоната 2012/2013 кога со освоената титула го испратија Јуп Хајнкенс, на чие место дојде токму Гвардиола.
„Би било добро кога од Гвардиола би се збогувале со трофејот во Лигата на шампионите. Тоа би бил шлаг на тортата по се она што заедно го направивме за Баерн. Се надевам дека тоа ќе се случи“, рекол најдобриот стрелец на Баерн, Роберт Левандовски.
Полскиот репрезентативец игра во одлична форма и заедно со Томас Милер ќе биде најголемата опасност по голот на Јан Облак. Левандовски сезонава има постигнато 38 голови на 46 одиграни натпревари во сите натпреварувања.
„Досега ова е пристојна сезона. Се надевам дека ќе постигнам уште неколку важни голови и дека ќе освојам уште некој трофеј“, дополнил Полјакот.
Баерн за овој меч ќе биде посилен за Џером Боатенг, кој три месеци отсуствуваше поради повреда на препоните. Против Атлетико нема да игра Холгер Бадштубер, а извесно е дека овој меч ќе го пропушти Аријан Робен.
Од друга страна Атлетико е комплетен, во тимот се враќа и Фернандо Торес која ја одработи суспензијата поради двата жолти картони кои ги доби на првиот четвртфинален меч со Барселона.
„Баерн е најкомплетна екипа, игра разновидно, може да напаѓа низ средината и преку боковите, а нивните играчи се силни во скок играта. Ние ќе го правиме она што најдобро го знаеме, ќе се бориме за секоја топка и ќе играме тимски. Во мечот влегуваме како да е финале, тоа е единствениот начин да му се спротивставиме на тим каков што е Баерн. Целта е да победиме“, изјавил играчот на Атлетико, Саул Нигез.
Натпреварот Атлетико-Баерн, на „Винсенте Калдерон“ во Мадрид ќе започне во 20:45 часот.