3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВеспрем последна пречка на патот за Келн

Веспрем последна пречка на патот за Келн

stole raul 343

Стариот познаник Веспрем е последната пречка кој им стои на патот кон пласман на завршниот турнир во Лигата на шампините на ракометарите на Вардар, коишто трета година со ред се учесници во четвртфиналето. „Црвено-црните“, во претходните две сезони ги губеа четвртфиналните двомечи од Фленсбург, односно Кјелце.

„Веспрем е одличен тим, финалист во ЛШ минатата сезона, тим кој ги има Палмарсон, Наѓ, Илиќ, Чема Родригез. Играат добра одбрана, имаат силни, високи играчи, кои играат многу паметно. Ако сакаме да ги минеме, мора да играме добра одбрана, да развиваме што е можно повеќе контранапади. Ние сме подготвени, остана уште малку да ја анализираме нивната игра. Вардар треба да го има фокусот само врз овој натпревар, да одиграме добро, воопшто не треба да размислуваме за реваншот“, рече на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот со Веспрем, вардаровиот тренер Раул Гонзалес.

Вардар и Веспрем изминатите две години одиграа седум натпревари, македонскиот шампион има само една победа, додека од трите овосезонски натпревари во СЕХА лигата, два завршија нерешено, а третиот заврши со победа на Веспрем 28:26 (3. април, финале СЕХА лига).

Вардаровиот тренер не е загрижен од овој податок, бидејќи, како што рече, тоа е само статистика која не мора ништо да значи.

„Ние, оваа сезона, имавме шанса за победа во Веспрем, лани имавме десет разлика таму, но ваквата статистика е добра само за новинарите, ние треба да се фокусираме само на овој натпревар. Не треба да се оптоваруваме со претходните наши дуели. Овој меч ќе биде различен од претходните“, рече Раул Гонзалес дополнувајќи дека желбата е да се победи и дека не размислува колкава предност ќе му овозможи мирен реванш на Вардар.

„Добро е да се победи, бидејќи така шансите во реваншот се поголеми. Ние сакаме да победиме, но не знаеме како ќе биде на теренот. Мислам дека мечот ќе биде ’тесен’, сепак е ова четвртфинале. Веспрем може да победи тука, но може да победи и во Барселона“, додаде Раул Гонзалес.

Вардар за овој натпревари ќе ги има во тимот сите играчи, а тренерот ќе реши кој ќе излезе на теренот. Филип Лазаров во средата го имал првиот тренинг по повредата, а добра е ситуацијата и со Сергеј Горборк, иако тој играше завршниот турнир во СЕХА лигата.

„Веспрем е последната пречка за пласман на толку посакуваниот Фајнал Фор. Оваа и претходната година, неколкупати игравме против нив, мислам дека добро се познаваме. Им ја препуштам фаворитската, сепак лани играа на завршниот турнир. Очекувам тежок меч и сметам дека одбраната ќе го реши победникот“, рече Стојанче Стоилов.

Натпреварот Вардар-Веспрем ќе се одигра в сабота (16 часот, СЦ Јане Сандански), а реваншот во Унгарија е една недела подоцна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП