Бразилскиот репрезентативец Нејмар, ќе настапи за својот национален тим на Oлимписките игри во Рио де Жанеиро, но не и на Копа Америка, соопшти неговиот клуб Барселона, по убедливата победа во Ла Коруња (8:0).
Барселона конечно се произнесе по прашањето на кое од двете големи натпреварувања бразилската репрезентација ќе може да смета на Нејмар, иако Бразилците бараат тој да биде во репрезентацијата и на ОИ и на Копа Америка.
На барањето упатено од страна на Фудбалскиот сојуз на Бразил и неколкумесечните преговори, Барселона реши дека напаѓачот ќе добие дозвола од клубот да игра само на Олимписките игри кои ќе се одржат во Бразил.
Инаку, ФИФА не ги обврзува клубовите да мораат да му дозволат на фудбалерот да настапи на Олимпијада, но, од друга страна, клубот е обврзан да го пушти фудбалерот на подоготовки доколку тој биде повикан за настап на Копа Америка.
Олимписките игри ќе се одржат од 3. до 21. август, додека Копа Америка, чиј домаќин се САД, е на програмата од 3. до 26. јуни.
На олимпискиот турнир настапуваа фудбалери до 23 години, а секоја репрезентација има право да повика најмногу тројца повозрасни фудбалери. Нејмар има 24 години и тој е еден од тројцата повозрасни кои се повикани во репрезентацијата за настап на ОИ.
Титулата од ОИ е единствената која Бразил сé уште ја нема освоено, пред четири годни во Лондон, Бразилците загубија во финалето од Мексико.
Бразил на ОИ се наоѓа во група со Јужна Африка, Ирак и Данска, а турнирот ќе го отвори на 4. август, во Бразилија против Јужна Африка.