Кошаркарите на Сан Антонио и Атланта забележаа убедливи победи над Мемфис, односно Бостон и поведоа со 2-0 во плејоф сериите.
Сан Антонио и во вториот меч лесно се справи со десеткуваниот Мемфис. Спарси славеа со 94:68, а најефикасни беа Пети Милс со 16, односно Каваи Ленард со 13 поени.
Мемфис, во Сан Антонио постави нов негативен клупски рекорд, постигнувајќи само 68 поени. Зек Рендолф со 11 поени и 12 скокови беше најдобриот играч на Мемфис.
Атланта, за разлика од првиот меч во серијата кога испушти предност од 19 поени и во неизвесна завршница стигна до триумф, во вториот меч не дозволи никакво изненадување. „Јастребите“ славеа со 89:72, а осбено убедливи беа во првата четвртина кога на Бостом му дозволија да постигне само седум поени.
Кајл Корвер (четири тројки) и Ал Хорфорд постигнаа по 17 поени кај победникот, додека Бостон го предводеше Ајзеа Томас јуниор со 16 кошеви.