Македонските каратисти настапот на турнирот во рамките на „Светската 1 Премиер карате лига“, во Салцбург го завршија со пет медали, од кои еден сребрен и четири бронзени.
Сребро во Салцбург освои Емил Павлов, од карате клубот Штип, во категоријата до 61 килограми.
Со бронзени медали се закитија членовите на Макпетрол, Наташа Стефановска (категорија до 61 килограми) и Жарко Арсовски (категорија над 84 килограми), односно Берат Јакупи од карате клубот Асиарт од Гостивар, во категоријата под 84 килограми и женскиот ката тим на карате клубот Ронин од Прилеп.
На силниот турнир во Салцбург учествуваа 710 спортисти од 60 земји.
Инаку овој турнир, за европските натпреварувачи, беше своевидна генерална проба за настап на Европското првенство, кое на почетокот на наредниот месец ќе се одржува во Монпелје, Франција.