21 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВо Скопје отворен кајакарскиот натпревар ИКАС 2016

Во Скопје отворен кајакарскиот натпревар ИКАС 2016

koceta 3666

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски во петокот вечерта свечено го прогласи 48-то по ред издание на Илинденски кајак-слалом – ИКАС 2016, свечено го отвори ИКАС 2016, една од најстарите и најквалитетните традиционални спортски манифестации во градот Скопје и во Македонија, на која годинава учествуваат натпреварувачи од петнаесетина европски земји.

„Ретки се ваквите манифестации, кои по својот квалитет и атрактивност, успеаја да го зачуваат континуитетот во привлекувањето на публиката, но и на исклучително квалитетните натпреварувачи од регионот и од Европа. Годинава сме домаќини на кајакарите од 15 европски држави, коишто и овојпат, со своите вештини и храброст, на скопската публика овие два дена ќе и овозможат викенд за паметење. Така беше и во 2014 година, кога Кајакарската федерација на Македонија и градот Скопје беа домаќини на една прекрасна манифестација – Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори, кога на патеката во Матка беа пријавени околу 400 кајакари од 30 европски држави“, истакна градоначалникот Трајановски во Музејот на македонската борба.

Првиот човек на македонската престолнина притоа искажа гордост од тоа што, како што рече, овој исклучително тежок и атрактивен спорт во нашата држава оди по нагорна линија, благодарејќи на успешната и упорна работа на Кајакарската федерација, во соработка со Агенцијата за спорт и млади и со Градот Скопје како покровител, во насока на промоцијата и афирмацијата на кајакарството.

„Како и минатата година, така и овојпат, во рамки на ИКАС, на оваа патека повторно ќе се одржи десетдневен тренинг–камп, во кој ќе учествуваат околу 200 кајакари, а новост годинава ќе биде и Европскиот куп во спуст, исто така, во склопот на главната манифестација. Како градоначалник на градот домаќин кој ја поддржува и ќе ја поддржува оваа манифестација, искрено Ве поздравувам и Ви пожелувам добри резултати, добро дружење и забава, а в година да се видиме во уште поголем број.“, порача Трајановски.

Квалификационите натпревари за учесниците на ИКАС се одржаа во петок и во сабота, а финалните натпревар се в недела.

Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП Скопје“ за љубителите на кајакот ќе организира бесплатен автобуски превоз во сабота и во недела, во 9 и во 11 часот од Скопје кон Матка и враќање во 16 и во 18 часот од Матка за Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП