Кошакарите на Реал и Барселона во последното коло од Топ 16 фазата изборија пласман во четвртфиналето. Двата тима сами решаваа за својата судбина и успешно одговрија на предизвикот. Реал славеше над Химки 83:70, а Барселона во Каунас го порази Жалгирис 66:59.
Актуелниот европски првак со победата над Химки, го освои четвртото место во Ф групата и во четвртфиналето ќе игра против Фенербахче. Реал до победата го предводеа Џеј Си Керол со 23 и Фелипе Рејес со 18 поени. Тајрис Рајс беше најефикасен кај Химки, тој 22 од своите 24 поени постигна во првото полувреме.
Барселона не блескаше во Каунас, но успеа да победи. Пау Рибас постигна 14 поени, а Џој Дорси имаше двоен ефект од 12 поени и 13 скокови.
Четвртфинални двојки:
Фенербахче-Реал Мадрид
Лаборал Куча-Панатинаикос
ЦСКА Москва-Црвена ѕвезда
Локомотив Кубан-Барселона
Официјално Топ 16 фазата ќе заврши в петок, но трите средби кои се на програмата немаа резултатско значење: Цедевита-Црвена ѕвезда, Дарушафака-Локомотив Кубан, Олимпијакос-ЦСКА Москва.
Плејофот ќе започне наредната недела, првите натпревари на програмата се на 12 и 13 април, а вторите на 14 и 15 април. Домаќини на првите средби ќе бидат Фенербахче, Лаборал Куча, ЦСКА и Локомотив. Останатите термини се 18 и 19 април, односно 20 и 21 април и 26 април.
Пласман на завршниот турнир ќе бидат тимовите кои ќе забележат по три победи.