18 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПатот за Рио де Жанеиро води преку Гдањск

Патот за Рио де Жанеиро води преку Гдањск

laze 81

Најдобрите македонски ракометари в четврток ќе отпатуваат за Гдањск, Полска, на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри кои летово ќе се одржат во Рио де Жанеиро. Од четирите селекции кои ќе учествуваат на турнирот (Полска, Македонија, Тунис и Чиле), две ќе обезбедат место на ОИ.

Гдањск е историска шанса за оваа генерација македонски ракометари да го исполнат својот сон и да станат првите, од колективните спортови, кои настапиле на Олимписки игри.

„Подготовките минуваат коректно, сите играчи и стручниот штаб максимално работат, бидејќи сите имаме една силна желба на овој турнир да избориме едно од двете места кои обезбедуваат место на ОИ. Со нетрпение чекаме да започне турнирот, убеден сум, верувам во играчите, дека ќе успееме да ја оствариме целта“, информираше на прес-конференцијата селекторот Ивица Обрван.

Македонија турнирот го отвора в петок против Полска, а потоа следуваат натпреварите со Тунис (сабота) и Чиле (недела).

„Фокусирани сме само на овој турнир, на овие три натпревара. Не ме интересира кого ќе победиме, од кого ќе загубиме, ме интересира само да бидеме меѓу првите две екипи кои ќе патуваат за Рио“, дополни селекторот.

Турнирот во Полска е втора шанса за Лазаров и останатите, откако пред четири години не ги минаа квалификациите кои тогаш се одржуваа во Шведска.

„Ние го започнавме овој макотрпен пат уште таму во 2002 година, се мачевме шест-седум години да дојдеме до едно големо натпреварување. Успеавме во 2009 да играме на големо натпреварување, потоа изборивме пласман на олимписки квалификации, по добриот резултат на ЕП во 2011, но не ја искористивме шансата. Меѓутоа, за сé има првпат, ова е сега голема шанса којашто мора да ја искористиме. За мене овие квалификации се државен интерес, Македонија е пред сé. Ние гордо сакаме да ја претставиме нашата земја на едни Олимписки игри. Лично, многу ми е драго што 100-отсто од овие репрезентативци се Македонци, со исклучок на Немања Прибак, но тој е наш иако е роден во Ниш, но го прифативме како свој. Атмосферата во тимот е одлична, многу сериозно му пристапуваме на овој предизвик“, рече на прес-конференцијата капитенот на тимот Кирил Лазаров.

На турнирот во Полска ќе патуваат 18 ракометари, кој од 19-те кои ги одработија подготовките ќе отпадне, селекторот ќе реши по вечерниот тренинг кој ќе се одржи во среда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП