Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс направија уште еден чекор кон соборување на апсолутниот рекорд во НБА лигата кој е во сопственост на Чикаго (72-10), откако во ноќта помеѓу неделата и понеделникот славеа над Филаделфија 117:105. Покрај актуелните шампиони победи изминатата ноќ запишаа Индијана, ЛА Клиперс, Вашингтон и Сакраменто.
Актуелните шампиони од крајот на минатата сезона сѐ уште немаат пораз на домашен терен. Вориорс по триумфот над Филаделфија 117:105 имаат скор од 66 победи и седум порази и во преостанатите девет натпревари потребни им се најмалку седум победи за да го соборат рекордот на Чикаго од 72 победи и 10 порази.
Против Филаделфија, Голден Стејт до победата го предводеа Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин. Томпсон постигна 40 поени (15-27 од поле, 7-14 за три поени). Бекот на Голден Стејт прв пат во кариерата на два последовни натпревари постигнува 40 и повеќе поени.
Грин мечот го заврши со „трипл дабл“ од 13 поени и по 11 скокови и асистенции. Грин продолжи да го подобрува клупскиот рекорд според бројот на „трипл дабл“ учиноци во една сезона, против Филаделфија го забележа 12-от ваков учинок во кариерата.
Стеф Кари мечот го заврши со 20 поени (2-9 за три поени) и осум асистенции.
Голден Стејт-Филаделфија 117:105
Индијана-Хјустон 104:101
Сакраменто-Далас 133:111
ЛА Клиперс-Денвер 105:90
ЛА Лејкерс-Вашингтон 88:101.