11 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОГолден Стејт се доближува до рекордот на Чикаго

Голден Стејт се доближува до рекордот на Чикаго

upa

Кошаркарите на Голден Стејт со убедливиот триумф над ЛА Клиперс 114:98, на единаесет натпревари до крајот на регуларниот дел од сезоната стигнаа до скор 64 победи и седум порази.

На актуелните шампиони им недостигаат осум победи за да ги израмнат рекордот на Чикаго од сезоната 1995/1996 (72-10), односно девет победи за да постават историски рекорд.

Голден Стејт против Клиперси ја продолжи историската низа од победи на домашен терен. Вориорс триуфираа по 51-ви пат пред своите навивачи, а по 30 години првпат ги забележаа сите четири победи во сезоната против Клиперси.

Непобедливоста на Голден Стејт, на домашен терен, трае од финишот на минатата сезона, а оваа славеа на сите досегашни 33 средби.

Стеф Кари со 33 поени го предводеше тимот до победата, тој погоди четири тројки од 10 обиди и најави дека полека излегува од шутерската криза, откако на последните две средби погоди само три тројки од 21 обид.

Поен помалку од Кари постигна Клеј Томпсон (седум тројки), додека Дрејмон Грин го забележа 28-от „дабл дабл“ во сезоната (12 поени, 12 скокови).

Тренерот на Голден Стејт, Стив Кер, кој играше на сите 82 средби кога Чикаго предводен од Мајкл Џордан ја одигра легендарната сезона, изјави дека целта на тимот е да го собори рекородот, дека до крајот на сезоната ќе игра со најдобриот тим, односно некој од играчите може да добие одмор само во случај на повреда.

„Сé уште не го имаме обезбеден првото место во Западната конференција, а блиску сме до рекордот на ‘моите’ Булси. Сега сé зависи од играчите, тие се прашуваат дали ќе ја оствариме целта. Дали некои кошаркари би можеле да добијат слободна вечер? Веројатно да, но не сакам да го направам тоа, бидејќи на тој начин ризикувам да загубиме меч што ќе нé оддалечи од целта“, рекол Кер.

Резултати: Вашингтон-Атланта 101:122, Кливленд-Милвоки 113:104, Детроит-Орландо 118:102, Бостон-Торонто 91:79, Чикаго-Њујорк 107:115, Сан Антонио-Мајами 112:88. Минесота-Сакраменто 113:104, Хјустон-Јута 87:89, Денвер-Филаделфија 104:103, Феникс-ЛА Лејкерс 119:107, Портланд-Далас 109:103.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП