20 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛин ги сруши Спарси

Лин ги сруши Спарси

lin hornets 00

Кошаркарите на Сан Антонио, по триумфот над Голден Стејт, во првиот нареден меч загубија во Шарлот, иако во еден период од натпреварот имаа предност од 23 поени. Индивидуално, изминатата ноќ во НБА лигата, блескаа Леброн Џејмс кој забележа „трипл дабл“, односно Андре Драмонд, кој во последната секунда му донесе победа на Детроит.

Поранешниот играч на Њујорк и ЛА Лејкерс, Џереми Лин, го предводеше Шарлот до неверојатниот пресврт и победата над Сан Антонио 91:88. Лин 15 од своите 29 поени постигна во последната четвртина, кога Шарлот успеа да ја стигне предноста на противникот која на почетокот на втората четвртина изнесуваше 23 поени (7:30).

Сан Антонио, против Шарлот одигра добро само во првата четвртина, кога со најсилното оружје, одбраната, направи предност од 7:28.

Останатиот дел од натпреварот целосно им припадна на играчите на Шарлот (29:23, 31:21, 24:16).

Шарлот со оваа победа стигна до скор од 40 триумфи и 30 порази и речиси го обезбеди учеството во плејофот. Сан Антонио го забележа 11-от сезонски пораз.

Леброн Џејмс имаше учинок од 33 поени и по 11 скокови и асистенции, во победата на Кливленд над Денвер 124:91. Кливленд ја забележа 50-та победа во сезоната, а Џејмс го запиша 41-от „трипл дабл“ во кариерата.

Андре Драмонд поентираше од одбојка на 0,2 секунди до крајот на мечот помеѓу Детроит и Милвоки, за победа на Пистонси 92:91. Драмонд натпреварот го заврши со 14 поени и 16 скокови.

Голден Стејт одигра уште еден лош шутерски меч, но успеа да победи во Минеаполис 109:104. Стеф Кари и Клеј Томпсон заедно постигнаа 36 поени, Кари имаше шут од поле 6-17, постигна 19 поени на кои придодаде 11 асистенции, додек Томпсон од поле шутираше 5-14 и постигна 17 кошеви.

Ендрју Вигинс со 25 и Карл-Ентони Таунс со 24 поени беа најефикасни во тимот на Минесота.

Резултати: Феникс-Мемфис 97:103, Детроит-Милвоки 92:91, Бостон-Орландо 107:96, Чикаго-Сакраменто 109:102, Атланта-Вашингтон 102:107, Минесота-Голден Стејт 104:109, Кливленд-Денвер 124:91. Индијана-Филаделфија 91:75, Шарлот-Сан Антонио 91:88.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП