Голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, го собори личниот рекорд според бројот на минути без примен гол, соопшти актуелниот италијански шампион.
По победата во дербито со Интер (2:0), Буфон во Серија А не примил гол 746 минути, што е за една минута подолго од неговиот претходен рекорд.
Искусниот 38-годишен италијански репрезентативец последниот гол го примил пред осум натпревари, на 10-ти јануари, односно на мечот со Сампдорија кога бил совладан од Касано во 64-та минута.
Буфон ќе се обиде да го собори апсолутниот рекорд во Серија А кој е во сопственост на некогашниот голман на Милан, Себастијано Роси. Во сезоната 1993/1994 година Роси не бил совладан 928 минути.
Јувентус, во наредните три кола гостува кај Аталанта, потоа ќе му биде домаќин на Сасуоло, а на 20-ти март го очекува градското дерби со Торино.