Потресена од корупциските скандали, фудбалска асоцијација ФИФА ќе има дефицит од 108 милиони долари за минатата финансиска година како резултат на „падот на довербата“ кон организацијата, соопштува „Ројтерс“, цитирајќи член на комисијата за ревизија на организацијата.
„Во однос на финансиите можам да кажам дека ситуацијата е многу критична, бидејќи за прв пат во последните 20 години има дефицит“, вели Сукету Пател, кој освен член на ревизорската комисија е и потпретседател на Африканската фудбалска конфедерација (CAF).
„Тоа се случува бидејќи има недостиг во буџетските приходи кои произлегуваат од недостатокот на доверба. Реалните потпишани договори се во вредност од 530 милиони долари“, појасни тој.
Потсетуваме дека денес организацијата се соочува со една од најпознатите судбоносни одлуки – избор на нов претседател на ФИФА, а според Пател таа „нема друг избор освен да тргне по правилен пат“.
Финансискиот извештај веќе е разгледан и ќе биде објавен во март, појаснува портпаролот на асоцијацијата пред агенцијата.
Првично светската фудбалска федерација очекуваше дефицит во износ од само 5 милиони долари за 2015-та година. Овие предвидувања сепак датираат од 2013-та година, кога се уште не беа откриени најголемите скандали во организацијата.
Во оваа недела фаворитот за претседателската функција е шеикот Салман од Бахреин кој предупреди дека некои од предизборните ветувања на неговите конкуренти можат да доведат до банкрот на ФИФА до 2018-та година.
Жером Шампањ, кој прв поднесе сигнал за големиот дефицит во 2015-та година и е исто така кандидат за функцијата, остро го критикуваше ветувањето на кандидатот на УЕФА Џани Инфантино да дава на секои четири години по 5 милиони долари на секоја федерација и по 40 милиони долари на секоја континентална конфедерација.
Според Французинот овој план ќе чини 900 милиони долари во рамките на само четири години. Според него најлошото сценарио е да пропаднат 600 милиони долари од очекуваните приходи од спонзори до 2018-та година.
Има голема веројатност доста од најголемите партнери на ФИФА да се повлечат, ако властите во САД или Швајцарија, кои истражуваат организацијата, наметнат финансиски и други казни за коруптивните практики во седиштето.
ФИФА има во моментов резерви во износ од 1,5 милијарди долари и темата за нивното управување ќе има огромно значење по изборите денес.