25 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДвоцифрен пораз на ракометарите од Хрватска

Двоцифрен пораз на ракометарите од Хрватска

mak-hrva

Македонските ракометари претрпеа тежок пораз од Хрватска 24:34 (13:17), во првиот меч од втората фаза во Групата 1, на Европското првенство. По првото коло Македонија ќе остане без бодови, исто како и Белорусија, додека Хрватска стигна до четвртиот бод.

Македонските ракометари го одиграа најлошиот натпревар во последните неколку години и практично во „Таурон арена“, во Краков, се предадоа без вистинска борба, нешто што е нетипично за ова генерација. Избраниците на Ивица Обрван не одиграа ништо од она што го презентираа на првите три средби, одбраната беше премногу порозна без агресивност, а нападот анемичен и неорганизиран.

Лош ден имаше и првиот голман Борко Ристовски кој не одбрани ниту еден удар во првите 15-тина минути, па до крајот на мечот бранеше Даниел Дупјачанец кој собра седум одбрани.

Хрватите, од друга страна ја разбија нашата игра со нивните две најсилни оружја, агресивните одбрани 5-1 и 6-0 и со брзата транзиција од одбрана во напад.

Раритетен е податокот од овој меч дека Кире Лазаров не успеа да постигне ниту еден гол. Капитенот речиси целото второ полувреме го преседе на клупата, исто како и Манасков.

Македонија мечот практично го загуби по само десет минути игра, кога Хрватите стекнаа предност од шест гола (1:7). Хрватска во 26.минута имаше предност од 9:16, а до крајот на полувремето преку Манасков и Кузмановски со серија 4:1, македонските ракометари ја намалија негативата на четири гола.

Последните четири минути од првиот дел беа и единствениот квалитетен период во играата на Македонија, бидејќи во вториот дел Хрватска рутински ја одржуваше предноста, а во 46.минута разликата беше двоцифрена (16:26).

Блескаше во второто полувреме кај Хрватите Слишковиќ кој постигна шест голови од исто толку обиди.

Дејан Манасков со седум голови (четири од седум метри) беше најефикасниот играч на Македонија, Кузмановски постигна четири, а по три гола дадоа Георгиевски и Стоилов.

Хрватска ја предводеше Слишковиќ со шест гола, а по пет постигнаа Мариќ и Штрлек.

Пред македонските репрезентативци е тридневен одмор, наредниот меч ќе го одиграат на 25.јануари против Норвешка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП