Фудбалерите на Арсенал го совладаа Манчестер Сити со 2:1 (2:0) во последниот натпревар од 17-то коло во Премиерлигата на Англија.
Играчите на Арсен Венгер победникот го решија во првото полувреме кога Тио Волкот и Оливие Жиру го совладаа голманот на Сити, Џо Харт. Почесниот гол за ’гражаните’ го постигна Јаја Туре.
Сити на „Емирејтс“ стадионот во Лондон го имаше поседот на топката, но тешко се справуваше со контранападите на Арсенал. Дват такви брзи напади во првото полувреме му донесоа убедлива предност на Арсенал.
Волкот погоди во 33.минута со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот, а вториот гол го постигна Жиру на истекот на првото полувреме.
Во вториот дел Сити дополнително го зголеми притисокот, но Арсенал пропушти уште две добри можности за постигнување на гол.
Сити поразот го ублажи преку Јаја Туре во 82.минута, кој постигна брилијантен гол.
По овој натпревар Арсенал е втор на табелата со 36 бодови, два помалку од Лестер, додека Сити е на третото место со 32 бода.