17 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНООсумгодишни суспензии за Блатер и Платини

Осумгодишни суспензии за Блатер и Платини

Michel-Platini-and-Sepp

Сеп Блатер и Мишел Платини, челниците на ФИФА и УЕФА, добија осумгодишни суспензии, соопшти Светската фудбалска федерација.

Блатер и Платини се супендирани поради ’нелојална исплата’ на два милиони долари. Имено, толку Блатер му платил на Платини во 2011 година на име на консултански услуги кои биле извршени во периодот од 1998 до 2002 година.

„Ниту во својата пишана изјава, ниту на сослушувањето, господинот Блатер не успеа да го докаже правниот основ за исплата на наведената сума, а неговиот аргумент дека постоел устен договор помеѓу нив двајца не е доволно убедлив и поради тоа е одбиен“, се наведува меѓу другото во соопштението на Етичката комисија на ФИФА.

Понатаму се наведува дека доказите не биле доволни за Блатер и Платини да бидат казнети според членот 21 на Етичкиот код на ФИФА (поткуп и корупција), но имало доволно докази да бидат казнети според членот 20 – „нудење и примање на подароци и други бенефити“.

Покрај тоа, 79-годишниот Блатер, поради судир на интереси прекршил уште неколку членови на Етичкиот код и поради тоа е казнет и парично со 50.000 швајцарски франци.

Оваа одлука на Етичкиот комитет на ФИФА, Блатер и Платини можат да ја обжалат, но извесно е дека Платини нема да се кандидира за нов претседател на Светската куќа на фудбалот и дека 40-годишната кариера на Блатер ќе заврши на срамен начин.

Договорот помеѓу Блатер и Платини и исплата на два милиони долари е открен како дел од истрагата на швајцарското јавно обвинителство за корупција при доделувањето на организацијата на Мундијалите во 2018 и 2022 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП