Ракометарките на Норвешка и Холандија ќе играат во финалето на СП кое се одржува во Данска. Во полуфиналето Холандија извојува лесна победа над Полска, додека Норвешка во трилер натпревар, по едно продолжение славеше над Романија.
Холандија без поголеми проблеми ја совлада Полска (30:25), откако водеше од почетокот до крајот на моменти и со девет голови разлика. Холанѓанките го остварија најголемиот успех во нивната историја откако се пласираа во своето прво финале.
Второто полуфинале понуди вистинска борба, врвен ракомет со многу пресврти, во кое и двете селекции во последните 30 секунди имаа по еден напад за победа. Сепак регуларниот дел заврши со резултат 27:27. Норвешка во продолжението имаше повеќе нерви и сили и успеа да слави со 35:33. Романките го платија данокот на двете тешки победи во претходните мечеви во кои го елиминираа светскиот првак Бразил и домаќинот Данска.