Роџер Федерер ја прекина соработката со Стефан Едберг кој му беше тренер во изминатите две години. На социјалните мрежи, Федерер, открил дека „по две одлични години“ Едберг нема да биде повеќе во неговиот стручен штаб.
„Би сакал да му се заблагодарам на Стефан Едберг, на мојот идол од детството, што се согласи да биде дел од мојот тим. Иако планиравме да биде дел од тимот само во 2014 година, Стефан беше одличен и реши да ја продолжиме соработката за уште една година“, напишал Федерер.
Швајцарецот открил дека нов член на неговиот стручен штаб ќе биде поранешниот хрватски тенисер Иван Љубичиќ.
„Многу работи научив од Едберг и неговото влијание во мојата игра игра ќе остане, тој секогаш ќе биде дел од мојот тим. Зеверин Лути, со кого работам од 2008 година и понатаму ќе биде мојот главен тренер, а ќе му се придружи Иван Љубичиќ. Мојот физиотерапевт Даниел Троксле, како и Пјер Паганини ќе останат дел од стручниот штаб“, дополнил Федерер.
Инаку, Љубичиќ, минатата недела ја прекина двегодишната соработка со канадскиот тенисер Милош Раониќ.