КОМПАНИИ

А1 WayUp 2026: 14 практиканти стекнуваат прво платено професионално искуство во А1 Македонија

Практикантската програма на А1 Македонија продолжува да ги поврзува младите со работната средина, овозможувајќи им да го применат своето знаење, да учат од искусни колеги и да се вклучат во реални проекти.

Скопје, 5 октомври 2026г.  – Четиринаесет млади луѓе годинава се дел од А1 WayUp, практикантската програма на А1 Македонија. Со различни интереси и професионални амбиции, тие добиваат можност да ја запознаат работата во компанијата, да стекнат практично искуство и да направат појасен избор за натамошниот развој на својата кариера.

Првото работно искуство често е пресудно за тоа како младите ќе ги препознаат своите способности и ќе ги постават своите професионални цели. Затоа, А1 WayUp е осмислена како програма во која учењето оди заедно со конкретна работа и поддршка од колегите.

Практикантите се вклучуваат во секојдневните активности на тимовите, добиваат задачи и имаат простор да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да учат од повратните информации.

Програмата нуди шестмесечна платена пракса со полно работно време и е наменета за млади кои се при крај со студиите или веќе ги завршиле. За нив, ова е можност да го надградат академското знаење и да видат како изгледа неговата примена во професионална средина.

„Кога си на почетокот на кариерата, не очекуваш да ги имаш сите одговори. Потребни ти се можност да пробаш, колеги од кои можеш да учиш и чувство дека твојата работа има вредност. Тоа сакаме да го добијат младите преку А1 WayUp. Годинава имаме 14 практиканти и за нас е важно тие да се чувствуваат како дел од тимот, да бидат вклучени и да можат слободно да ги споделуваат своите идеи. И ние учиме од нив , од прашањата што ги поставуваат и од начинот на кој размислуваат. Би сакале по завршувањето на праксата да имаат повеќе знаење, поголема самодоверба и појасна претстава за тоа што сакаат да работат“, вели Стефан Јовановски, директор на Оддел за човечки ресурси и култура во А1 Македонија.

Со А1 WayUp, компанијата продолжува да вложува во развојот на младите и да им овозможува професионално искуство во земјата. Овогодишните 14 практиканти се дел од таа приказна — со можност да учат, да придонесуваат и да изградат добра основа за она што следува во нивната кариера.