СВЕТ

Зошто Кина купува толку многу злато и што значи тоа за цената?

Кинеската централна банка купува злато 23 последователни месеци, а земјата увезува повеќе од овој скапоцен метал од кога било досега, пишува „CNBC“ во своја анализа.

Оваа масовна кампања за купување го одразува стремежот на Пекинг да ја намали зависноста од американскиот долар, како и недостигот од сигурни алтернативи за кинеските домаќинства. Аналитичарите очекуваат побарувачката за злато да остане висока, во услови на економски тешкотии.

Кинеската централна банка во септември додала околу 23 тони злато – најголемото месечно купување во речиси три години, покажуваат податоците на Државната администрација за девизна контрола. Со тоа е продолжена најдолгата серија последователни купувања од најмалку 2015 година наваму.

Кинеските домаќинства и компаниите сè повеќе се свртуваат кон златото како сигурен имот. Земјата потрошила рекордни 158,8 милијарди долари за увоз на повеќе од 1.000 тони злато во првите осум месеци од 2026 година, покажуваат царинските податоци. Тоа е повеќе од 96,5 милијарди долари и 886 тони, колку што биле увезени во текот на целата 2025-та година.

Увозот на злато за потребите на потрошувачите во Кина достигнал рекордно ниво во првите осум месеци од оваа година, според Акаш Доши, раководител на одделот за стратегии поврзани со златото во „State Street Investment Management“, кого го цитира „CNBC“. Растот на премиите на цените на кинескиот пазар сигнализира „посилна сезонска побарувачка во текот на зимата“, посочува Доши.

Акумулирањето злато се случува во услови на пад на цената на овој благороден метал. Во септември цената се намали за повеќе од 8 отсто, на околу 4.176 долари за тројска унца, откако во јануари достигна рекордно високо ниво од над 5.500 долари.

Доши прогнозира дека цената на златото ќе се зголеми на ниво меѓу 4.750 и 5.500 долари за тројска унца до крајот на првиот квартал од 2027-ма година, поддржана од силната побарувачка.

Зошто Кина купува злато?

Според Карстен Менке, аналитичар во „Julius Baer Group“, главниот мотив на Кинеската централна банка е политички. Тој укажува на „претворањето на американскиот долар во оружје и на поврзаната желба да се намали зависноста од американските државни хартии од вредност како резервен имот“.

Западните влади го замрзнаа имотот на Руската централна банка по руската инвазија врз Украина во 2022-ра година. Тоа покажа дека резервите што се чуваат во странство може да бидат ограничени во услови на геополитички тензии, додека златото складирано во сопствените трезори на една земја останува заштитено од такви мерки.

Кина ги намали своите вложувања во американски државни хартии од вредност, чија вредност во јули достигна најниско ниво во последните 18 години – 618 милијарди долари, според податоците на американското Министерство за финансии. Во исто време, Пекинг продолжи да ги диверзифицира своите девизни резерви.

Побарувачката во Кина е поттикната и од репутацијата на златото како „сигурно засолниште“. Загрижени поради нестабилната економија, кинеските потрошувачи масовно купуваат златен накит, прачки и монети.

Локалните инвеститори немаат многу алтернативи, бидејќи пазарот на недвижности – некогаш главен начин на кој домаќинствата го зачувуваа своето богатство – е во долготраен пад. Водечкиот индекс CSI 300 забележал пад од околу 8 отсто од почетокот на годината, додека индексот S&P 500 пораснал за 13 отсто.

Приносите од банкарските депозити и обврзниците се намалиле поради слабата побарувачка за кредити. Приносот на едногодишните кинески државни обврзници паднал на околу 1,2 отсто, во споредба со околу 4,46 отсто во САД.

„Опортунитетните трошоци за поседување злато се исто така многу пониски во Кина отколку на многу западни пазари“, истакнува Оле Хансен, раководител на одделот за стратегии за суровини во „Saxo Bank“, за „CNBC“.

На растот на купувањата влијае и планот на Пекинг за продлабочување на домашниот пазар на злато, што ја поттикнува земјата дополнително да ги зголемува резервите, посочува Менке.

Според неговите пресметки, централната банка купила околу 190 тони злато од почетокот на годината до крајот на август, вклучувајќи и 110 тони за кои не било официјално објавено дека се купени.