Зимата уште не стегнала, а кај продавачите на огрев веќе почна истата стара приказна. Едни прашуваат за пелети, други бараат дрва, трети повторно се враќаат на јагленот. Само едно прашање е заедничко за сите: колку ќе нè чини греењето годинава? А одговорот, барем засега, не звучи евтино.
Пелетите, кои пред неколку години многумина ги избраа како почиста и попрактична замена за дрвата и јагленот, оваа сезона повторно се меѓу најбараните производи. Но, и цените тргнаа нагоре.
Според пазарните понуди во Македонија, тон пелети годинава се движи приближно од 14.500 до 22.000 денари, зависно од производителот, квалитетот и количината што се купува. На одделни продажни места цените се и повисоки. Вреќа од 15 килограми може да достигне околу 340 до 360 денари, а палета се продава и за повеќе од 23.000 денари.
Семејство кое во студените денови троши по две вреќи дневно, при цена од околу 340 денари за вреќа, само за еден месец треба да одвои повеќе од 20.000 денари. Секако, потрошувачката не е иста во секој дом. Зависи од квадратурата, изолацијата, надворешната температура и од самиот систем за греење.
Енергетските познавачи токму тука го гледаат најголемиот проблем. Евтиниот енергент не значи многу ако куќата ја „грее улицата“.
„Без добра изолација и ефикасни прозорци, потрошувачката ќе биде висока без разлика на тоа кој енергент се користи“, посочуваат експерти за енергетика.
Пелетите, сепак, не се единствената мака. Дел од домаќинствата, особено во куќите и во приградските и руралните средини, повторно се распрашуваат за јаглен. На огласите може да се најдат понуди за различни видови јаглен за огрев, но цените и квалитетот значително варираат. Една од понудите за домашниот пазар, на пример, нуди тон јаглен за околу 6.500 денари, спакуван во вреќи од 50 килограми. Други продавачи нудат лигнит и увезен јаглен, со различни услови за транспорт и испорака.
Но, пониската цена на тон не значи автоматски и поевтина зима.
Познавачите на пазарот објаснуваат дека домаќинствата мора да ги земат предвид калоричната вредност, влажноста, квалитетот на горивото, ефикасноста на печката, но и транспортот. Ако огревот е евтин, а согорува лошо или треба да се купи поголема количина, разликата брзо се топи.
„Луѓето најчесто ја гледаат цената за тон или кубик, а не колку топлина реално ќе добијат за тие пари“, објаснуваат познавачи на системите за греење.
Има уште една работа што купувачите ја научија од претходните зими. Кој чека до последен момент, обично има помал избор. Кога ќе паднат температурите, расте побарувачката, се празнат залихите, а тогаш просторот за барање подобра цена е многу помал.
Кај пелетите годинава веќе има големи разлики од продавница до продавница. Истиот производ во зависност од класата, производителот и начинот на пакување може да чини неколку илјади денари повеќе по тон. Затоа продавачите советуваат да не се гледа само бројката на ценовникот, туку да се провери дали во неа се вклучени превозот, палетата и истоварот.
Октомври почна, а вистинската трка по огрев обично доаѓа со првите студени утра.
Дотогаш, по складовите и телефоните на продавачите ќе продолжи истото прашање.
„Имате ли пелети? А јаглен? И колку е со превоз?“
За многу семејства годинава токму од тој одговор ќе зависи што ќе гори во печката цела зима.
Б.З.М.