МАКЕДОНИЈА

За шест месеци направени над пола милијарда евра промет во онлајн трговијата во Македонија!

Во првите шест месеци од 2026 година реализирани се онлајн трансакции во вредност од над 530 милиони евра, што претставува раст од 14,1% во однос на истиот период лани. Кон македонските е-трговци реализирани се трансакции во вредност од 302,4 милиони евра, со раст од 14,9%. Македонците потрошиле 227,9 милиони евра онлајн кон странски е-трговци, односно 13,3% повеќе од лани. Бројот на онлајн трансакции достигна 15,3 милиони, со раст од 10,1%. Ова се најновите податоци кои ги објави Асоцијацијата за Е- трговија.

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка. Согласно кои може да се забележи дека во првата половина од 2026 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 32,611.2 милиони денари или 530,3 милиони евра, што преставува пораст од 14.1% во однос на истиот период минатата година.

Кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 302 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички, односно остварен е пораст од 14.9%. Од оваа вредност, македонските иматели на платежни картички кон домашните е-трговци реализирале околу 271,5 милиони евра, со раст од 13,9%.

Истовремено, имателите на странски платежни картички кон македонските е-трговци реализирале околу 30,9 милиони евра, што претставува раст од 23,8% во однос на истиот период лани. Од друга страна, македонските иматели на платежни картички кон странските е- трговци реализирале онлајн трансакции во вредност од околу 227,9 милиони евра, односно 13,3% повеќе во споредба со првата половина од 2025 година.

Вкупната вредност на онлајн трансакции е остварена со направени 15.3 милиони трансакции што преставува пораст од 10.1% во однос на истиот период минатата година. Најголем број трансакции се реализирани со македонски платежни картички кон домашните е-трговци – околу 8 милиони трансакции, со раст од 12,3% во однос на истиот период минатата година. Кон странските е-трговци, македонските иматели на платежни картички реализирале 6,45 милиони трансакции, што претставува раст од 5,7% во однос на истиот период минатата година. Истовремено, бројот на трансакции реализирани со странски платежни картички кон македонските е-трговци достигнал над 904 илјади, со раст од 26,7%.

„Податоците за првата половина од 2026 година покажуваат дека е-трговијата продолжува да расте, но со поумерена динамика во споредба со силниот скок од 34% што го видовме минатата година. Вкупната вредност на онлајн трансакциите надмина половина милијарда евра за само шест месеци, што е значаен показател за сè поголемата улога на дигиталните канали во потрошувачката. Особено позитивно е што раст бележат и домашните е-трговци, кон кои вредноста на трансакциите е зголемена за речиси 15%.

Истовремено, кај купувањата од странство гледаме интересна промена. По експлозивниот раст на бројот на трансакции минатата година, кој во голема мера го поврзувавме со појавата на платформите како Temu, во 2026 година динамиката се стабилизира, додека просечната вредност на трансакцијата повторно расте. Овие трендови отвораат едно важно прашање за понатамошниот развој на пазарот: не само колку ќе расте онлајн потрошувачката, туку и колкав дел од неа ќе успеат да привлечат домашните е-трговци. Токму затоа, зајакнувањето на нивната конкурентност, подобрувањето на корисничкото искуство, логистиката и дигиталните плаќања остануваат клучни за понатамошниот развој на е-трговијата“, вели претседателката на АЕТСМ, д-р Нина Ангеловска Станков.

Просечната вредност на онлајн трансакција во првата половина од 2026 година изнесува околу 34,6 евра, што претставува раст од приближно 3,7% во однос на истиот период минатата година. Интересна промена се забележува кај трансакциите реализирани од македонските иматели на платежни картички кон странските е-трговци. За разлика од минатата година, кога бројот на трансакции растеше значително побрзо од нивната вредност, во првата половина од 2026 година вредноста расте побрзо од бројот на трансакции. Како резултат на тоа, просечната вредност на трансакција кон странските е-трговци се зголемила за околу 7,2% и достигнала приближно 35,3 евра.

Според податоците на Народната банка, заклучно со јуни 2026 година регистрирани се 2.408 места на продажба за е-трговија, наспроти 2.240 на крајот на 2025 година. Ова претставува нето зголемување од 168 е-продажни места во првите шест месеци од 2026 година, што укажува на продолжен развој на инфраструктурата за онлајн продажба и прифаќање картични плаќања.

И.П