МАКЕДОНИЈА

За 10 дена почнува грејната сезона!

Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2026/2027 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ.

Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.

Од ЕСМ Снабдување велат дека секојдневно ќе објавуваат информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи.

Од компанијата задолжна за топлинската енергија во Скопје велат дека навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на потрошувачите. Затоа апелираат да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот.

„Ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација”, велат од ЕСМ Снабдување.

Од државната компанија ЕСМ Снабдување велат дека сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.

Инаку, од направените аналзии покажуваат дека на годишно ниво жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија имаат најнизок годишен надоместок, за разлика од жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево. За една грејна сезона на парно греење се приклучени нови 1.521 потрошувачи, а вкупно 67.494 домаќинства се снабдуваат со топлинска енергија.

Од 1 август поскапе парното греење во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика, донесе одлука со која цената на топлинска енергија се зголеми во просек за 5,96% за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ производство на топлина.

И.П