„Volkswagen“ планира нова драстична мерка за намалување на трошоците. Најголемиот европски производител на автомобили има намера да ги замрзне платите на голем дел од своите 600.000 вработени ширум светот до 2030-та година, објавува германскиот весник „Süddeutsche Zeitung“.
Одлуката да не се зголемуваат платите би можела да значи загуба на околу 10 проценти од куповната моќ на засегнатите вработени поради инфлацијата. Плановите би можеле да доведат и до нови ограничувања за 275.000 вработени во компанијата во Германија.
Планираното продолжено замрзнување на платите е наведено во документите со кои се утврдува идниот план за управување со групацијата, познат како „Group Target Picture“. Документот бил одобрен од Управниот одбор на компанијата.
Планот предвидува „пренасочување“ на преговорите за колективните договори за платите. Новите насоки за преговори, кои се применуваат од четвртиот квартал, предвидуваат „замрзнување на платите до 2030 година“. Тие вклучуваат и намалување на варијабилниот дел од платите, специјалните исплати и бенефициите, како и укинување работни места.
Доколку насоките бидат спроведени, ќе се земат предвид специфичните околности во секој дел од „Volkswagen Group“. Затоа, можно е замрзнувањето на платите да не биде воведено во сите сегменти на групацијата.
Сепак, се очекува сите брендови, региони и фабрики да дадат свој „соодветен“ придонес во остварувањето на целите за намалување на трошоците.
Претходно годинава „Volkswagen“ предупреди дека приходите би можеле да се намалат и во текот на оваа година, бидејќи продлабочувањето на падот на кинескиот пазар го зголемува притисокот врз извршниот директор Оливер Блуме да спроведе реформи во групацијата.
Концернот очекува приходите годинава да се намалат за најмногу три проценти. Претходно, прогнозите се движеа од стагнација до раст од три проценти.
„Volkswagen“ се соочува со тешкотии во Кина, каде што домашните производители ја презедоа водечката улога во производството на електрични возила. Кинеските брендови сега се шират и на европскиот пазар, предизвикувајќи значителни промени во автомобилската индустрија во регионот.
Сето ова ја покажува големината на предизвикот со кој се соочува Блуме, кој се обидува да ја направи „Volkswagen“ побрза и поефикасна компанија по долгогодишни доцнења во развојот на софтверот, прекумерни трошоци и намалена профитабилност.
Неговиот план за укинување до 100.000 работни места и затворање четири фабрики наиде на отпор од Надзорниот одбор на компанијата, во кој значајно влијание имаат синдикатите и властите на германската покраина Долна Саксонија, кои ги поддржуваат работниците.
„Volkswagen“ се обидува повторно да ја зајакне својата позиција во Кина преку локални партнерства и побрз развој на нови модели. Групацијата соработува со компанијата „Xpeng Inс“ на развој на нови електрични модели, додека „Audi“ е во партнерство со „SAIC Motor Corp“ за развој на платформа за електрични возила наменета конкретно за кинескиот пазар.