СВЕТ

Турција ја зголеми прогнозата за инфлацијата на 21 отсто, цените ќе растат повеќе од очекуваното

Монетарната власт ја зголеми и прогнозата за инфлацијата на крајот на 2026-та година – од 28 на 29,5 отсто, приближувајќи ја до пазарните очекувања.

Турската централна банка ја зголеми прогнозата за инфлацијата на крајот на 2027-ма година, пред сè поради очекувањата за повисоки цени на нафтата како последица на војната на САД и Израел во Иран, објави „Bloomberg“.

Новата процена, која во четвртокот ја претстави гувернерот Фатих Карахан, предвидува инфлацијата на крајот на следната година да достигне 21 отсто, во споредба со претходната прогноза од 15 отсто. Финансиската институција ја промени и целната стапка на инфлација за крајот на 2027-ма година, зголемувајќи ја на истото ниво. Оваа цел служи како краткорочна насока за монетарната политика.

Централната банка ја зголеми и прогнозата за инфлацијата на крајот на 2026-та година – од 28 на 29,5 отсто, со што ја приближи до пазарните очекувања.

Промените во прогнозите покажуваат дека централните банкари очекуваат инфлациското влијание на војната да продолжи, особено преку повисоките цени на енергенсите, иако многу економисти забележуваат одредено подобрување на основниот инфлациски тренд.

Потрошувачките цени во Турција се особено чувствителни на цената на нафтата, бидејќи земјата увезува речиси сè што ѝ е потребно за снабдување со енергија.

Во октомври централната банка ја намали основната каматна стапка за 100 базични поени, на 36 отсто. Повеќето економисти сметаат дека неочекуваното забрзување на инфлацијата во октомври, на 29,8 отсто од 29,7 отсто претходно, нема да го запре циклусот на намалување на каматните стапки.