Овој викенд календарот подарува уште еден ден за одмор. Денот на народното востание, 11 Октомври, годинава паѓа во недела, а според Законот за празниците, кога државен празник паѓа во недела, наредниот ден е неработен. Така, сабота, недела и понеделник можат да се спојат во мало тридневно бегство од градот.
Не мора ни авион, ни граница. Октомври е можеби и еден од подобрите месеци за патување низ Македонија. Летната гужва ја нема, планините веќе фаќаат боја, а хотелите со затворени базени и спа-центри повторно стануваат поинтересни од лежалките покрај отворен базен.
Берово е една од најлогичните адреси ако идејата е навистина да се одмори. Не да се трча од знаменитост до знаменитост, туку да се прошета околу езерото, да се седне на ручек и остатокот од денот да помине без часовник. Есенските бои околу Беровското Езеро веќе ја менуваат целата слика на Малешевијата. За семејства што сакаат хотелска варијанта има и спа-сместување. Цените за ваков тип сместување се повисоки од обичен апартман и значително зависат од датумот и бројот на гости.
На другата страна од земјата, Маврово е за оние што сакаат планина без зимската скијачка гужва. Езерото, шумата и прошетките се сосема доволна програма за три дена. Може да се отиде и до Галичник, Јанче или Ростуше и викендот да се претвори во комбинација од возење, ручек и кратки семејни прошетки. За оние што не сакаат целиот одмор да зависи од времето, во Маврово има и хотели со велнес и затворени базени. Спа-понудата во регионот вклучува објекти со внатрешен базен, сауни, парни бањи и хамам.
„По цел ден активности, гостите можат да се одморат во затворените и надворешните базени, сауните и парните бањи“, се наведува во една од понудите на хотелите во регионот.
Крушево, пак, е добра средина меѓу активен и мрзелив викенд. Наутро кафе со поглед кон градот, потоа прошетка до Мечкин Камен или Македониумот, ручек, па назад во хотел. Градот е доволно мал за да не се троши половина ден во автомобил, а околните шуми во октомври се практично главната атракција.
За семејства има и хотелски сместувања со семејни соби и детски катчиња.
Ако децата се помали и условот е „само да има базен“, тогаш Охрид и во октомври има што да понуди. Без летниот метеж, стариот дел од градот може да се прошета на мир, крајбрежјето е празно, а за половина час сте и кај Свети Наум или на прошетка по Галичица, ако времето дозволува.
За тридневен семеен одмор интересни се хотелите со внатрешни базени.
Има, секако, и поевтина варијанта. Апартман во Крушево, Маврово или Охрид, појадок од дома и ручек во локална кафеана. За продолжен викенд не мора да се прави голем туристички буџет. На актуелните платформи има десетици семејни сместувања во сите овие места, од приватни апартмани до хотели со целосна услуга.
Најважно е резервацијата да не се остава за петок навечер. Продолжените викенди по правило ги полнат најбараните сместувања побрзо, особено оние со затворен базен и спа.
А три дена, реално, се тамам. Доволно за да се тргне во сабота наутро, двапати да се преспие надвор од дома и во понеделник да се врати човек без она чувство дека од одморот му треба уште еден одмор.
Б.З.М.