СВЕТ

Трговскиот суфицит на Кина по вторпат во историјата надмина 1.000 милијарди долари

Трговскиот суфицит на Кина за годинава пораснал на нешто повеќе од 1.000 милијарди долари, и покрај најголемиот раст на увозот од 2021-ва година наваму. Сè понеизбалансираните трговски односи со Европската Унија сочинуваат речиси една третина од вкупниот дисбаланс, пишува „Bloomberg“.

Увозот пораснал многу повеќе од очекуваното – за речиси 42 отсто минатиот месец во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците што во вторникот ги објави Генералната царинска управа на Кина. Испораките во странство се зголемиле за нешто повеќе од 35 отсто, со што суфицитот во октомври достигнал 105,3 милијарди долари, најниско ниво од мај наваму.

Во првите десет месеци од годинава, трговскиот суфицит на Кина бил речиси 9 отсто поголем во споредба со истиот период минатата година, кога достигна рекордни 1.200 милијарди долари.

Во октомври кинескиот извоз во Европската Унија бил за 33,4 милијарди долари поголем од увозот од земјите на блокот, со што разликата од почетокот на годината достигнала 310 милијарди долари.

Суфицитот во трговијата со стоки пораснал за 9 отсто во првите десет месеци од 2026-та година во споредба со истиот период лани. Графикон: „Bloomberg LP“.

„Трговскиот суфицит на Кина ја нагласува отпорноста и конкурентноста на нејзиниот извозен сектор и покрај сè попредизвикувачкото опкружување во светската трговија“, коментира Хао Џу, главен економист во „Guotai Junan International Holdings“.

Длабоко вкоренетиот дисбаланс во приливот на стоки од Кина ќе остане една од главните теми на агендата на нејзините најголеми трговски партнери. Европските лидери планираат мерки за управување со ризиците во областа на економската безбедност и затворање на законските празнини, со цел подобра заштита на единствениот пазар на Унијата.

Извозот на Кина годинава порасна благодарение на зголемената глобална побарувачка за хардвер за вештачка интелигенција. Иако се зголеми и увозот на земјата, тој и натаму заостанува зад продажбата во странство, а растот во голема мера е ограничен на неколку производи, како што е златото. Тоа укажува дека домашната побарувачка речиси и не закрепнала.

Сè поголемата загриженост за одржливоста на бумот на вештачката интелигенција почнува да ги замаглува перспективите за двоцифрен раст на кинескиот извоз. Само чиповите и компјутерските компоненти учествувале со 40 отсто во зголемувањето на вредноста на кинескиот извоз на годишно ниво досега, што го одразува растот на нивните цени поради забрзаната изградба на центри за податоци.

Сепак, извозната сила на Кина не се потпира само на хардверот за вештачка интелигенција. Според обемот на испораките, растот доаѓа од широк спектар високотехнолошки производи, од секторите на таканаречената „нова тројка“, кои Кина ги развива како свои стратешки индустрии – соларни панели, електрични возила и батерии – до индустриски роботи. Ова го покажува анализата на „Goldman Sachs Group“.

Од друга страна, голем дел од трговијата поврзана со вештачката интелигенција веројатно се состои од склопување увезени компоненти и нивен последователен реизвоз, што го ограничува нејзиното влијание врз трговскиот биланс, забележуваат економистите на „Goldman Sachs“.

Увозот на Кина расте со најбрзо темпо од 2021 година. Најголем придонес за растот имаат неколку глобални суровини и повисоките цени на чиповите. Графикон: „Bloomberg LP“.

Зголемените набавки на сурова нафта од Кина се главната причина за неочекуваниот раст на увозот. Кина во октомври увезла речиси 42 милиони тони сурова нафта, што е најголемо количество од март наваму. Со растот на цените на нафтата, вредноста на увозот достигнала највисоко ниво во последните четири години. На сличен начин се зголемиле и набавките на рафинирани нафтени деривати.

Кога станува збор за извозот, растот на високотехнолошките производи минатиот месец забрзал на 67 отсто во споредба со истиот период лани, што е најбрзо темпо од почетокот на 2021-ва година. Продажбата на чипови и компјутери пораснала со троцифрена стапка.

Испораките во Европската Унија, САД и земјите од Југоисточна Азија, членки на АСЕАН, останале силни, со годишен раст од над 20, 30 и 40 отсто, соодветно. Извозот во Холандија, Велика Британија и Бразил значително се зголемил, покажуваат првичните податоци, додека продажбата во Јужна Кореја пораснала со рекордно темпо.