Иако увозот на сурова нафта во Азија се врати на нивото од пред војната, увозот на преработени нафтени деривати останува слаб, бидејќи испораките на бензин и дизел од Блискиот Исток драстично се намалија поради намалениот капацитет за рафинирање.
Сегашната состојба со увозот на нафта во Азија ја отсликува состојбата на светските нафтени пазари: достапноста на сурова нафта значително се зголемува во споредба со ниските нивоа од почетокот на летото, а испораките од Блискиот Исток во голема мера се обновени.
Истовремено, сепак, понудата на бензин, а особено на дизел, нагло опаѓа по почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, се наведува во анализата на „OilPrice.com“.
Намалената активност на рафинериите на Блискиот Исток – од кои некои сè уште не работат по иранските напади во првите денови од војната – во комбинација со помалите количества преработени нафтени деривати што минуваат низ Ормускиот Теснец, поради значително поопасните операции за преточување лесно запаливи горива од еден на друг брод, доведе до сериозен пад на понудата на пазарот.
Недостигот на горива во Русија, предизвикан од украинските напади врз рафинериите, како и прекинот на рускиот извоз на дизел, дополнително го продлабочуваат глобалниот проблем со снабдувањето со дизел. Тоа доведе до рекордно високи маржи во рафинирањето и малопродажни цени во третото тримесечје од годината.
Според аналитичарите, недостигот ќе продолжи и во четвртото тримесечје, а можно е да се задржи и во текот на 2027-ма година. Причината е што напролет многу рафинерии ќе мора да поминат низ одамна планирано одржување – активности што годинава беа одложени за да се максимизира производството.
Во овој контекст, податоците за увозот на сурова нафта и нафтени деривати во Азија, најголемиот регион во светот според увозот на нафта, даваат јасна слика за состојбата на глобалниот нафтен пазар.
Две различни пазарни реалности
Во октомври, увозот на сурова нафта во Азија скокнал на 26,39 милиони барели дневно, во споредба со 24,24 милиони барели дневно во претходниот месец. Тоа го покажуваат податоците на компанијата „Kpler“, кои ги цитира Клајд Расел, коментатор за прашања поврзани со суровините и енергетиката во Азија.
Според истите податоци, овие количества на увоз се речиси еднакви на тримесечниот просек од 27 милиони барели дневно, забележан пред војната со Иран. Истовремено, тие претставуваат зголемување од 39 отсто во споредба со најниското ниво достигнато досега за време на конфликтот – 19 милиони барели дневно во април.
Увозот на сурова нафта во Азија што минува низ Ормускиот Теснец во октомври скокнал на 7,4 милиони барели дневно, во споредба со 1,6 милиони барели дневно во април. Испораките преку Ормускиот Теснец кон Азија сè уште заостануваат зад предвоеното ниво од околу 13 милиони барели дневно, но значително се зголемуваат испораките од саудиското пристаниште Јанбу, на Црвеното Море.
Во последните месеци азиските рафинерии значително го зголемија увозот на сурова нафта од Русија и од Северна и Јужна Америка за да ги надоместат испораките што ги загубија поради ограничувањата во Ормускиот Теснец.
За разлика од тоа, увозот на лесни и средни дестилати во Азија, кој според процените на „Kpler“ во октомври изнесувал околу 6,15 милиони барели дневно, останува 10 отсто под предвоеното ниво. Само увозот од Блискиот Исток е 18,4 отсто под количествата пред војната, иако вкупниот увоз на горива во Азија се зголемува во споредба со септември, благодарение на поголемите испораки од Америка и Африка.
Недостиг на дизел
Понудата на бензин, а особено на дизел, останува поограничена во споредба со испораките на сурова нафта. Од летото наваму, дизелот е производот што е најдефицитарен на нафтениот пазар, а наглиот раст на маржите при преработката, како и на големопродажните и малопродажните цени во светот, го одразуваат овој недостиг.
И покрај обновувањето на испораките на сурова нафта, рафинериите надвор од Блискиот Исток и Русија не успеваат да го надоместат загубениот капацитет. Тоа се случува во период кога побарувачката за дизел и други средни дестилати расте со доаѓањето на зимата на северната хемисфера.
Според аналитичарите, краткорочната извозна политика на Кина ќе биде од клучно значење за регионалната понуда во Азија во четвртото тримесечје.
„Дополнителните испораки од Кина би можеле да ја подобрат рамнотежата на азискиот пазар, но потребна е поголема јасност во врска со дозволите за извоз и реалните количества што се натоваруваат на танкерите“, коментира Абишек Кумар, главен аналитичар за нафтениот пазар во „Sparta Commodities“.
Инвестициските банки и Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) предупредуваат дека глобалниот недостиг на понуда веројатно ќе продолжи до средината на 2027-ма година. Глобалниот поморски извоз на гасно масло и дизел бележи остар пад од почетокот на кризата на Блискиот Исток, наведува МАЕ во последниот извештај за нафтениот пазар за октомври.
Намаленото производство во рафинериите довело до пад на извозот на просечно 4,7 милиони барели дневно во првите девет месеци од 2026-та година. Тоа е ниво за 10 отсто пониско во споредба со истиот период минатата година, односно намалување за 700.000 барели дневно, посочуваат од агенцијата.