Во март 2023 година, милијардерот во козметичката индустрија Вилијам П. Лаудер платил 155 милиони долари за вила на брегот на океанот, која му припаѓала на починатиот радиоводител Раш Лимбо. Со тоа во тој момент бил поставен рекорд за Палм Бич, во американската сојузна држава Флорида, пишува „Wall Street Journal“.
Главната куќа, со површина од 2.230 квадратни метри, била изградена во раните 90-ти години на минатиот век. Имала голема дневна соба во стилот на „Версај“ и библиотека со херувими на таванот. Но, до јули Лаудер веќе ја урнал.
Уривањето на куќата на Лимбо е еден од најекстремните примери на трендот што се шири во богатите населби во САД – рушење вили чија вредност надминува 100 милиони долари. Куќата, која некогаш била главната причина за купување скап имот, сега добива речиси споредна улога, бидејќи купувачите се натпреваруваат за атрактивно позиционирано земјиште – парче од океанскиот брег или планински предел, нешто што е уникатно, за разлика од куќата изградена на него.
Богатите одамна уриваат постари куќи или имоти на кои им се потребни значителни поправки, за да почнат од почеток. Но, сега и големи, релативно нови куќи во добра состојба се купуваат по вртоглави цени, а потоа се уриваат за да направат место за домови што повеќе одговараат на денешните архитектонски стилови.
Палм Бич стана епицентар на уривањето куќи чија вредност се движи од осум до девет цифри, благодарение на населението со исклучително големо богатство и ограничената понуда на земјиште покрај океанот.
Лаудер, на пример, претходно урнал две куќи на парцела од околу три акри на брегот на океанот, во друг дел од Палм Бич. Тој планирал таму да изгради куќа за себе, пред да ја пронајде вилата на Лимбо, велат извори запознаени со случајот. Наместо тоа, во 2025-та година го продал празното земјиште за речиси 200 милиони долари на купувач поврзан со софтверскиот гигант „Microsoft“.
Во блискиот град Маналапан, основачот на компанијата „WeatherTech“, Дејвид Мекнил, исто така стекнал репутација на купувач кој урива огромни станбени објекти. Тој неодамна платил 55,5 милиони долари за делумно завршена вила, која се наоѓала покрај парцела на брегот на океанот што веќе била во негова сопственост. Потоа ја урнал вилата, а парцелата ја продал за 105 милиони долари претходно оваа година, соопштуваат извори запознаени со трансакцијата.
Мекнил урнал и вила во Маналапан со површина од 840 квадратни метри, откако во јули ја купил за 36 милиони долари. Тој планира на нејзино место, која е директно поврзана со неговиот главен дом, да изгради фитнес-центар и зелени површини.
Со зголемувањето на побарувачката, агентите за недвижности почнале да нудат постојни вили, нагласувајќи ја можноста тие да бидат урнати. Притоа, користат и фотографии генерирани со помош на вештачка интелигенција за да покажат како би изгледала празната парцела.
Милијардерот Лери Елисон повторно ја понудил на продажба својата вила во северниот дел на Палм Бич, по цена од 165 милиони долари. Куќата во тоскански стил е во добра состојба, но агентите за недвижности Џејмс Кени и Пол Канеб од компанијата „K2 Realty“ велат дека ја нудат како потенцијален имот за целосна реконструкција, бидејќи многу од супербогатите купувачи веројатно би сакале да изградат дом според сопствениот вкус.
Еколошки последици?
Уривањето вила, особено за да биде заменета со поголем објект, може да има значителни последици врз животната средина, вели Вилијам Падок од консултантската компанија „WAP Sustainability“. Според процените на неговата компанија, замената на куќа со површина од 930 квадратни метри со вила од 2.800 квадратни метри има ист јаглероден отпечаток како потрошувачката на електрична енергија на речиси 250 просечни американски домаќинства во текот на една година.
Трендот на уривање станбени објекти е присутен низ целата земја, особено на пазарите каде што понудата на градежно земјиште е ограничена. И не се однесува само на милијардерите и домовите чија цена надминува 100 милиони долари.
Економистите од „Redfin“ забележуваат дека во значителен дел од огласите за продажба на недвижности се појавуваат термини поврзани со уривање, како што се „повторна изградба“ и „вредност на земјиштето“. Во Бункер Хил Вилиџ, во Хјустон, каде што куќите изградени во средината на минатиот век често се заменуваат со помодерни објекти, повеќе од 15 отсто од огласите содржеле термини поврзани со уривање, покажуваат податоците на „Redfin“.
Во Мајами, агентката за недвижности Дина Голдентајер од „Douglas Elliman“ вели дека многу од нејзините клиенти не се воодушевени од стилот на домовите изградени пред помалку од десет години, поради што уривањето станало вообичаена практика. Кога не можат да го пронајдат она што го бараат, тие брзо се насочуваат кон имоти што можат да бидат заменети со нови објекти.
На крајот, купувањето соодветен дом често се покажува поважно од енергетската ефикасност и расипништвото, забележува Голдентајер.
„Вистината е дека овие луѓе се милијардери и не сакаат да имаат грди кујни и бањи“, додава таа.