МАКЕДОНИЈА

Студентскиот оброк во 2027-ма според инфлацијата треба да изнесува 172 денари!

Во државата повеќе се води политика отколку грижа за студентите околу субвенционираниот студентски оброк. Тоа што им следува според законот не го добиваат студентите иако во законското решение стои дека секоја година сумата ќе се зголемува според растот на трошоците за живот. И покрај тоа сумата од 140 денари на сила е речиси четири години. Студентите се жалат дека ограничени се со тие пари секојдневно да набавуваат еден оброк. Освен во пекара, или во маркет, 140 денари е премалку за било што друго. Дополнително, сметаат дека не треба да се менува моделот и да се воведуваат електронски ваучери, а со тоа и да се ограничат местата каде може да се трошат средствата бидејќи тоа дополнително ќе им создава проблеми при набавката на храна.

Најголемиот проблем за студентите кога станува збор субвенционираниот студентски оброк е тоа што сумата не е зголемена три години, а тоа е спротивно на законскотото решение. Според властите сумата е зголемена во 2023 година од 120 на 140 денари, и со тоа инфлацијата била покриена за следните неколку години. Но анализата која ја спроведе платформата Студентарија МК покажува дека не може на тој начин да се толкуваат работите.

Образложението на студентите е дека законскотот решение претрпе измени токму во 2023 година, токму кога од 120 денари сумата се зголеми на 140 денари дневно и тогаш беше воведен нов член во законот кој вели дека секоја следна година износот на субвенцијата ќе се зголемува согласно инфлациската стапка. Доколку се следела инфлациската стапка во 2027 година сумата за студентскиот оброк треба да изнесува најмалку 172 денари дневно.

„Законот не вели сега ќе го зголемиме субвенцираниот оброк за следните 4-5 години, туку секоја година ќе расте согласно инфлациската стапка. Дури и кога беше зголемен во 2023 година од 120 на 140 денари дневно не ја покри инфлацијата од 2021 до 2023 година. Затоа велиме во овие последни речиси четири години износот на субвенционираниот студентски оброк не е според законот. Тоа што можевме да го купуваме пред четири години со 140 денари дневно денеска не можеме. Средствата остануваат исти но вредноста на парите е намалена“, велат од СтудентаријаМК.

Студентите сметаат дека со непочитувањето на законското решение во последниве години тие практично се оштетени од државата. Втор поголем проблем на оваа тема е немарноста на институциите. Имено стотици студенти секој месец не добиваат навремено или им доцни по неколку дена исплатата на субвенционираниот оброк бидејќи факултетите се должни да доставуваат листи на редовни студенти до Министерството за образвование и со тоа да се има потврда дека студентот не е отпишан и дека може да добие финансиска помош за еден оброк на ден. Студентите се жалат дека дел од факултетите забораваат навремено да ги достават тие списоци, а тоа е нивна обврска секој месец да го прават. Или пак ќе се појави некој технички проблем во системот на министерството и така секој месец добар дел од студентите остануваат без тој оброк кој го покрива државата. Според информациите тоа се случи и овој месец, има поплаки од медицинскиот факултет и од правниот факултет, двата при УКИМ.

А бидејќи се уште нема усогласување на субвенционираниот студентски оброк, од Либерално-демократската партија поднесоа тужба во Управниот суд против Министерството за образование. Од партијата велат, и покрај тоа што изминатите години имавме растечка инфлација, студентите и натаму добиваат само 140 денари дневно.

„Бидејќи вие не го почитувате законот ние ќе ја истераме правдата. Почнуваме со тужба до управниот суд, за поведување на управен спор за непочитување на законот по што ќе следи иницијатива за оценка на законитоста на исплатата на студенскиот оброк. Студентите ќе го добијат тоа што им следи согласно член 2 од законот“, велат од ЛДП.

Студентскиот субвенциониран оброк важи само за студентите кои се на државните универзитети, но не и за приватните, што е вистинска дискриминација и не почитување на правото на студентите кои од разни причини се запишале и учат на приватни факултети. Студенти се студенти, било да се на државни или на приватни студии.

И.П