МАКЕДОНИЈА

Славите се ближат! За полна трпеза се потребни и до 20.000 денари

Куќната слава за многу македонски семејства станува сериозен удар врз домашниот буџет. Додека домаќините ги подготвуваат списоците за пазарување, пресметките покажуваат дека за една пристојна славска трпеза со петнаесетина гости може да се потрошат од 10.000 до 20.000 денари, а понекогаш и повеќе. Месо, сарма, салати, предјадења, пијалаци, колачи… Кога сè ќе се собере, сметката е далеку поголема отколку што изгледа на почетокот.

Сезоната на куќни слави носи дополнителни трошоци за семејствата кои и без тоа внимателно го распределуваат секој денар. Некој купува намирници неколку недели однапред, друг чека акции во маркетите, а има и домаќини кои годинава планираат да го намалат бројот на гости.

Најголемиот трошок е месото. Според актуелните цени во домашните продавници, килограм свински бут може да се најде за околу 280 денари на акција, но во други продажни места достигнува и над 450 денари. За пет килограми месо, во зависност од изборот, треба да се издвојат приближно 1.400 до 2.300 денари. Ако на трпезата има и печење, скара или дополнителни месни специјалитети, износот значително расте.

Но месото е само почеток. За подготовка на сарма потребни се мелено месо, ориз, зелка, кромид и зачини. Потоа следуваат руската салата, свежите салати, сирењето, кашкавалот, сувомесните производи и останатите предјадења. За нив, во зависност од количеството, лесно може да се потрошат дополнителни неколку илјади денари.

Кај посните слави, како Свети Никола, списокот за пазарување изгледа поинаку. Наместо печење, на масата најчесто се служат риба, посна сарма, грав, компири и различни салати. Особено голем трошок може да биде рибата, доколку домаќините се одлучат за поголеми количества крап или пастрмка.

Колачите и пијалаците дополнително ја зголемуваат сметката. Домаќините кои сами подготвуваат ситни колачи купуваат јајца, брашно, шеќер, чоколадо, ореви и други состојки. Оние што немаат време за подготовка, најчесто нарачуваат готови колачи и торти, што може дополнително да го зголеми трошокот.

Не треба да се заборават ниту соковите, минералната вода, пивото, виното и ракијата. За петнаесетина гости, само за пијалаци може да бидат потребни од 1.500 до 3.000 денари, зависно од количините и изборот.

Економската пресметка покажува дека славска трпеза може да се подготви и за помалку пари, доколку домаќините сами готват, купуваат на акции и не претеруваат со количествата. Од друга страна, готовото печење, кетерингот и нарачаните десерти можат значително да ја зголемат конечната сметка.

Дека трошоците за храна се сериозен товар за домашните буџети покажуваат и најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија.

„За храна и пијалаци во септември 2026 година се потребни 25.259 денари“, се наведува во пресметката на синдикалната минимална кошница.

Според истите податоци, на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 69.432 денари за покривање на минималните месечни трошоци, што е за 757 денари повеќе отколку во август.

Податоците за угостителството исто така покажуваат раст на цените. Според Државниот завод за статистика, угостителските услуги во септември биле поскапи за 3,8 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

За домаќините што сакаат да заштедат, најисплатлива варијанта останува подготовката на храната дома, со однапред утврден список за пазарување. Купувањето без план, особено непосредно пред славата, често носи дополнителни непредвидени трошоци.

Во целата пресметка треба да се додадат и славскиот колач, свеќата, житото, лебот, салфетките и останатите ситници кои најчесто се купуваат во последен момент.

Така, една домашна слава со петнаесетина гости, според ориентирна пресметка за намирниците и пијалаците, може да чини околу 10.000 до 15.000 денари со поскромно мени. За побогата трпеза, со повеќе видови месо, предјадења и десерти, трошокот може да надмине 20.000 денари.

А домаќините добро знаат како оди пазарувањето за слава. Таман ќе помислат дека купиле сè, ќе се сетат дека недостига уште нешто. Па повторно до продавница, по уште една кеса намирници и уште една сметка на каса.

Б.З.М.