Смртта на човек што има кредит во банка не значи дека со него исчезнува и долгот. Ратите остануваат, каматите продолжуваат да се пресметуваат според договорот, а банката и понатаму има право да си ги бара парите. За семејството што останало зад починатиот, покрај сите обврски, може да пристигне и непријатно известување дека кредитот сè уште не е исплатен. Но, кој всушност треба да го враќа? Дали сопругата, децата или родителите автоматски го преземаат долгот?
Според законските правила во Македонија, одговорот зависи од неколку работи. Најважно е дали кредитот бил осигурен, дали починатиот оставил имот и дали некој од членовите на семејството се јавува како жирант или содолжник.
Банкарските познавачи посочуваат дека наједноставна е ситуацијата кога кредитокорисникот имал соодветно животно осигурување. Во таков случај, доколку се исполнети условите од полисата, осигурителната компанија го покрива преостанатиот долг, целосно или делумно, зависно од договорената осигурена сума.
„Со ова осигурување се добива кредитна заштита со која во случај на непосакуван настан, смрт на осигуреното лице, фамилијата не ги наследува кредитните обврски по основ на овој кредит“, се наведува во објаснувањето за кредитното животно осигурување на една од македонските банки.
Сепак, не секоја полиса обезбедува иста заштита. Кај одредени станбени кредити осигурената сума може да покрива од 60 до 100 проценти од кредитот, па затоа е важно да се провери точно што е договорено.
Наследството оди заедно со долговите
Покомплицирано е кога починатиот немал животно осигурување. Тогаш банката може да побара наплата од наследниците, но тоа не значи дека тие мора да го платат целиот долг, без оглед на неговата висина.
Македонското законодавство предвидува јасно ограничување.
„Наследникот одговара за долговите на оставителот до висината на вредноста на наследениот имот“, стои во членот 83 од Законот за сопственост и други стварни права.
Тоа практично значи дека ако некој наследи имот вреден 20.000 евра, а починатиот оставил долгови од 35.000 евра, одговорноста на наследникот по основ на наследувањето е ограничена на вредноста на наследениот имот.
Сосема друга е ситуацијата ако наследникот се откаже од наследството. Во тој случај, според законот, не одговара за долговите на починатиот.
Но, тука има една важна работа. Не може некој да го прифати станот, автомобилот или заштедата, а истовремено да се откаже само од кредитот. Наследувањето ги опфаќа и имотните права и обврските, во границите утврдени со закон.
Кога има повеќе наследници, тие одговараат солидарно за долговите, при што одговорноста на секој е ограничена на вредноста на неговиот наследен дел.
Што ако станот е под хипотека?
Кај станбените кредити работите можат дополнително да се искомплицираат. Особено ако станот што го користи семејството е ставен под хипотека.
Економските познавачи укажуваат дека банката првенствено е заинтересирана кредитот редовно да се отплаќа. Ако наследниците сакаат да го задржат станот, можат да разговараат со банката за начинот на продолжување на отплатата.
Но, ако ратите престанат да се плаќаат, банката може да преземе постапка за наплата преку хипотеката, согласно договорот и законските услови.
Дополнително, ако кредитот има жирант или содолжник, неговите обврски не престануваат автоматски со смртта на главниот кредитокорисник. Одговорноста во таков случај произлегува од договорот што го потпишал, а не од наследувањето.
Постапката кај потрошувачките кредити без хипотека е поинаква. Банката има право да го пријави своето побарување, додека наследниците преку оставинската постапка го утврдуваат имотот што им припаѓа.
Затоа, банкарските познавачи советуваат семејството најнапред да побара точна состојба на кредитот, да провери дали постои осигурителна полиса и да утврди кои обврски останале неплатени.
Особено е важно наследниците да не потпишуваат нови договори за преземање долг без претходно да ги проверат условите.
Бидејќи едно е да се наследи долг во рамките на законските ограничувања, а сосема друго доброволно да се преземе нова договорна обврска кон банката.
Б.З.М.