Со првите студени денови почнува и добро познатата мака во македонските домови. Парното работи, климата дува, печката гори, но во некоја соба повторно е студено. Особено наутро и навечер, кога температурите паѓаат, а никому не му се седи со јакна дома. Тогаш најчесто се бара дополнително греење. Некој купува греалка, друг маслен радијатор, трет се одлучува за кварцна печка. Но, кој уред навистина најмалку троши и како да се стоплите без следната сметка за струја да ве изненади?
Според познавачите на енергетиката, најголемата грешка што ја прават граѓаните е кога избираат грејно тело само според цената во продавницата. Евтината греалка не значи и евтино греење.
На пример, обична електрична греалка со моќност од 2.000 вати, доколку работи четири часа дневно со полна моќност, троши осум киловат-часови струја. За еден месец тоа се 240 киловат-часови дополнителна потрошувачка.
Според актуелните цени на електричната енергија во Македонија, доколку целата оваа потрошувачка се пресметува во вториот блок на високата тарифа, греењето би чинело околу 2.250 денари месечно, со вклучени трошоци за пренос, дистрибуција и ДДВ. Во третиот блок износот достигнува 2.800 денари, а во четвртиот може да надмине 6.000 денари. Доколку греалката работи исклучиво на евтина струја, трошокот би бил околу 1.200 денари.
Маслените радијатори се практични за догревање соби, но не трошат помалку струја само затоа што се полни со масло. Нивната предност е што постепено ја ослободуваат топлината и продолжуваат да бидат топли извесно време по исклучувањето. Доколку маслен радијатор и обична греалка имаат иста моќност и работат исто време, потрошувачката ќе биде приближно еднаква.
Кварцните и инфрацрвените греалки, пак, се погодни за луѓе кои сакаат брзо да се стоплат додека седат на едно место. Наместо да го загреваат целиот воздух во просторијата, тие директно ги загреваат луѓето и предметите кон кои се насочени.
Енергетските познавачи посочуваат дека ваквото греење може да биде поисплатливо кога се користи кратко време, особено во помали простории. Сепак, не треба да се очекува дека мала кварцна печка ќе загрее голема дневна соба.
За граѓаните кои веќе имаат инвертер-клима, најисплатливо дополнително греење најчесто е токму користењето на климата. Причината е едноставна. За разлика од обичните електрични греалки, инвертерот ја пренесува топлината од надворешниот воздух во просторијата.
Според анализите на британската организација за енергетска ефикасност Energy Saving Trust, топлинските пумпи можат да обезбедат три до четири единици топлина за една единица потрошена електрична енергија, зависно од условите. Кај обичните електрични греалки односот е приближно еден спрема еден.
Тоа значи дека за подолго догревање на соба, исправна и соодветно димензионирана инвертер-клима обично е поекономична од калорифер или маслен радијатор.
Но, постојат начини да се заштеди и без купување нов уред.
Еден од нив е користењето на евтината тарифа. Во Македонија таа важи од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот, како и непрекинато од сабота во 22 часот до понеделник во 7 часот.
„Тарифните блокови се однесуваат само на потрошената електрична енергија во високата, дневна тарифа“, се наведува во објаснувањето за тарифниот систем на ЕВН.
Економистите при пресметките за греење предупредуваат дека треба да се земе предвид вкупниот месечен трошок, а не само потрошувачката за еден час. Особено кај домаќинствата што веќе трошат многу струја, бидејќи дополнителното греење може да ги префрли во поскап тарифен блок.
Важна е и изолацијата. Добро затворени прозорци, спуштени ролетни навечер, затворени врати меѓу просториите и термостат што ја регулира температурата можат да ја намалат потребата од дополнително загревање.
За кратко догревање на едно место може да заврши работа и помала инфрацрвена греалка. За неколкучасовно греење на цела соба, инвертерот најчесто е подобар избор. А доколку користите обична греалка, внимавајте на нејзината моќност и времето на работа.
Греалките треба да бидат подалеку од завеси и мебел, да не се покриваат и да не се оставаат вклучени без надзор. Заштедата на струја не смее да оди на сметка на безбедноста.
На крајот на краиштата, разликата најдобро се гледа на сметката. Неколку часа дополнително греење дневно можеби не изгледаат многу, но кога ќе се соберат триесет дена, трошокот веќе не е мал.
Б.З.М.