СВЕТ

САД пријави буџетски дефицит од 1,99 трилиони долари за оваа година

Буџетскиот дефицит на федералната влада на САД се приближи до два трилиони долари во фискалната 2026-та година. Тоа повторно укажува на огромните потреби на американската влада од задолжување и ја поставува земјата на пат кон рекордно високо должничко оптоварување во наредните години, објавува „Bloomberg“.

Во фискалната година што заврши на крајот на септември, дефицитот достигнал 1,99 трилиони долари, покажуваат податоците на американското Министерство за финансии. Тоа е зголемување од околу 12 проценти во споредба со дефицитот од 1,78 трилиони долари регистриран во претходната година.

Владините расходи се зголемиле за околу шест проценти, достигнувајќи 7,4 трилиони долари, додека приходите пораснале за приближно три проценти, на 5,4 трилиони долари.

Растот на приносите на американските државни обврзници во текот на годинава, заедно со постојаното зголемување на државниот долг, ги направи каматните плаќања еден од клучните фактори за продлабочувањето на дефицитот во фискалната 2026-та година.

Нето-каматните расходи се зголемиле за 81,4 милијарди долари, достигнувајќи рекордни 1,05 трилиони долари.

Трошоците за сервисирање на долгот се меѓу трите најголеми расходни ставки на американската влада. Најголемата ставка е социјалното осигурување. Расходите за социјални бенефиции во фискалната година се зголемиле за 86,4 милијарди долари, достигнувајќи 1,67 трилиони долари. Трошоците за здравствена заштита пораснале за 76 милијарди долари, на 1,07 трилиони долари.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент го посочи враќањето на трошоците поврзани со царините како важен фактор за зголемувањето на дефицитот, откако претходно објави намалување на буџетскиот јаз за 2025-та година.

Овие плаќања беа поврзани со одлуката на Врховниот суд од февруари, со која беше поништена поголемата част од зголемувањата на царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе во својот втор мандат. Администрацијата во моментов работи на воспоставување нова трговска бариера преку друга законска регулатива.

Ова е четврта последователна година во која американскиот буџетски дефицит изнесува приближно два трилиони долари. Податоците покажуваат дека дефицитот бил еднаков на околу шест проценти од бруто-домашниот производ (БДП) — невообичаено високо ниво во услови на релативно ниска стапка на невработеност.

Официјално, дефицитот се намалил минатата година, но тоа делумно било резултат на сметководствена мерка. Даночниот закон што републиканците го усвоија во 2025-та година ги заострил ограничувањата за студентските кредити, а Министерството за финансии тоа го евидентирало како намалување на расходите за 2025-та година.