Американските земјоделци во ноември ќе добијат финансиска помош поради високите цени на дизелот, соопшти Министерството за земјоделство, пренесува „Bloomberg“.
Износите ќе бидат пресметани врз основа на засеаните површини, како и на проценетите трошоци и прогнозите за нивното движење.
Конкретните суми ќе бидат објавени во ноември. Министерката за земјоделство Брук Ролинс истакна дека целта е да им се помогне на земјоделците да ја соберат реколтата. Таа додаде дека претседателот Доналд Трамп наредил „земјоделците да бидат на прво место секој ден“.
Во јуни, американската влада веќе најави помош од 11,1 милијарда долари за земјоделскиот сектор, а уште на почетокот на годината беа распределени 12 милијарди долари за земјоделците.
За програмата Трамп зборуваше и пред еден ден, за време на предизборната посета на Канзас. Тој додаде дека дури и без оваа помош, до крајот на годината ќе дојде до пад на цените, „бидејќи наоколу ќе има толку многу нафта и дизел“. Земјоделците традиционално се гласачи на Републиканската партија.
„Bloomberg“ забележува дека Трамп врши притисок врз Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии и да се овозможи извозот на дизел од Русија, во обид да се намали цената на горивото во САД, која достигна 6,50 долари за галон, односно околу 3,78 литри.
Сепак, според аналитичарите, овој чекор нема да има големо влијание, бидејќи количините се премногу мали. Станува збор за околу 300.000 тони во октомври, 500.000 тони во ноември и уште еден милион тони до крајот на годината, што вкупно одговара на 13,5 милиони барели дизел.
Дневната потрошувачка на дизел во САД изнесува 3,8 милиони барели. Горивото најмногу го користат камионите и земјоделците.