СВЕТ

Руската воена економија се соочува со долгорочна ерозија поради долговите и трошоците

Притисокот врз руската воена економија расте, бидејќи огромните трошоци поврзани со војната во Украина доведуваат до нагло зголемување на буџетскиот дефицит. Расположението кај потрошувачите и бизнисот станува сè попесимистичко, додека економскиот раст забавува, пишува „АP“.

Сепак, според економистите, тоа не навестува непосредна финансиска криза или економски колапс. Благодарение на стабилните приходи од извозот на нафта, поддржани од високите цени поради конфликтот со Иран, владата засега успева да обезбеди средства за финансирање на инвазијата, која трае веќе четири и пол години.

Истовремено, ниската стапка на невработеност и големите државни расходи во посиромашните региони го ограничуваат незадоволството меѓу населението.

Оваа слика ја поддржува тезата на Кремљ за стабилност во пресрет на внимателно контролираните парламентарни избори во Русија, кои започнаа во петокот, а завршуваат во недела.

Сепак, економистите предупредуваат дека долгорочните проблеми ги поткопуваат темелите на економијата и еден ден би можеле да доведат до криза.

Потрошувачите и бизнисот се сè попесимистички настроени

Довербата на потрошувачите бележи пад во однос на највисоките нивоа во периодот 2024–2025 година, кога зголемените воени трошоци го поттикнаа растот и доведоа до зголемување на платите. Потрошувачите се соочуваат со повисоки цени на горивата и недостиг предизвикан од украинските напади со дронови врз рафинериите за нафта.

Освен тоа, многу мали компании останале без стока и клиенти поради нападите со дронови врз логистичките центри на онлајн трговците „Wildberries“ и „Ozon“.

Истовремено, темпото на економскиот раст забавува во однос на највисоките нивоа од над 4 отсто годишно, забележани во 2023-та и 2024-та година. Владата прогнозира раст од 0,6 отсто за тековната година, при што во првиот квартал економијата се намалила, пред да забележи извесно закрепнување во вториот квартал.

Индексот на довербата на потрошувачите, кој го пресметува независниот руски социолошки центар „Левада“, падна на 94 поени во текот на летото, во споредба со 116 поени во пролетта и летото 2025-та година. Вредност под 100 покажува дека расположението на потрошувачите е повеќе негативно отколку позитивно.

Луѓето, запрашани за изборите, најчесто ги изразуваат секојдневните грижи поврзани со пензиите и цените.

„Поднослива стабилност“

Ситуацијата со горивата и нападите врз објекти на компанијата „Wildberries“ ја направија војната повидлива за населението, но тие не претставуваат криза, вели Крис Вифeр, извршен директор на консултантската компанија „Macro-Advisory Ltd“, која работи на територијата на поранешниот Советски Сојуз.

Тој ја опишува состојбата на економијата како „поднослива стабилност“, а расположението во јавноста како „мрморење“, но не и како протест.

„Економијата е под притисок – таа стагнира, што значи дека е стабилна, но не бележи раст“, додава Вифeр. Сепак, според него, не се очекува ниту рецесија. Повеќето луѓе „не се особено погодени“ од украинските напади, забележува тој.

„Само затоа што им се нарушени навиките при купување, тоа нема да ја промени јавната поддршка за Кремљ“, нагласува Вифeр.

Рејтингот на одобрување на рускиот претседател Владимир Путин бележи пад во последните месеци, но и понатаму е повисок во споредба со периодот пред почетокот на војната во 2022-ра година.

Буџетскиот дефицит на Русија нагло расте

Еден од главните показатели за зголемениот притисок е буџетскиот дефицит на Русија и напорите на владата да најде нови извори на средства.

Путин прибегна кон зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ), кој го плаќаат потрошувачите, како и кон зголемување на низа други давачки и заострување на даночниот третман на малите бизниси.

И покрај тоа, дефицитот продолжува да расте.