Роботите можат да пишуваат извештаи, да одговараат на електронски пораки, да пресметуваат плати, па дури и да извршуваат задачи за кои некогаш биле потребни цели одделенија. Но, кога ќе дојде редот да се замени директорот, приказната станува малку поинаква. Истражувањата покажуваат дека голем дел од менаџерите немаат ништо против да вработат робот наместо човек, но раководните позиции и понатаму ги сметаат за работа што треба да остане во човечки раце.
Според истражување на американската компанија „Експерт маркет“, 70 отсто од анкетираните менаџери изјавиле дека би размислиле да вклучат робот во својот тим. Речиси половина од испитаниците признале дека не би чувствувале вина доколку ангажираат машина наместо човек.
Истражувањето е спроведено пред повеќе од една деценија, но неговите резултати повторно добиваат тежина со брзиот развој на вештачката интелигенција.
Најпогодни за автоматизација, според анкетираните раководители, се административните работни места. Тука спаѓаат одговарањето на телефонски повици, испраќањето електронски пораки, подготовката на извештаи и обработката на податоци.
За компаниите, пресметката е едноставна. Машината не бара годишен одмор, не оди на боледување, не доцни на работа и не дава отказ кога на фирмата најмалку ѝ одговара. Може да извршува исти задачи подолг период, без пауза и без дополнителни трошоци за прекувремена работа.
И во Македонија ваквите технологии постепено наоѓаат примена, особено во компаниите што работат со голем број документи, клиенти и повторливи административни постапки. Сметководствените бироа, осигурителните компании, банките и фирмите што нудат корисничка поддршка се меѓу дејностите во кои дел од работата може да се автоматизира.
Економските аналитичари ја поврзуваат автоматизацијата со намалувањето на оперативните трошоци и зголемувањето на продуктивноста. Наместо вработените да поминуваат часови внесувајќи податоци, дел од тие задачи можат да ги преземат компјутерските системи.
Сепак, тоа не значи дека секое работно место може целосно да исчезне.
Интересно е што во првичното истражување менаџерите биле далеку повнимателни кога станувало збор за креативните професии. Маркетингот, дизајнот и односите со јавноста биле издвоени како области во кои машините тешко би можеле да ги заменат луѓето. Како главни недостатоци на роботите биле посочени недостигот од креативност и емоционалната поврзаност со работата.
Но, развојот на генеративната вештачка интелигенција веќе ја менува и таа проценка. Денешните системи можат да подготвуваат рекламни текстови, да обработуваат фотографии, да предлагаат дизајнерски решенија и да создаваат различни деловни содржини.
Она што особено привлекува внимание е односот на раководителите кон сопствените работни места.
Во истото истражување, 68 отсто од менаџерите признале дека значителен дел од нивната работа би можел да го извршува робот. Сепак, раководните функции не биле сметани за подеднакво погодни за целосна замена со машини.
Подоцнежните истражувања покажуваат дека и оваа граница станува сè понејасна. Во американско истражување од 2023 година, спроведено меѓу раководители и канцелариски работници, дури 49 отсто од анкетираните извршни директори оцениле дека најголемиот дел или целата нивна работа би можела да се автоматизира со вештачка интелигенција.
Сепак, познавачите на организациското управување прават разлика меѓу извршувањето задачи и раководењето со луѓе. Едно е компјутерски систем да подготви финансиски извештај, а сосема друго да решава конфликт меѓу вработени, да преговара со незадоволен клиент или да преземе одговорност за погрешна деловна одлука.
Истражувачите што ја анализираат примената на вештачката интелигенција во менаџментот порачуваат:
„Менаџерите ќе останат релевантни во иднина ако се фокусираат на човечките особини и вештини, а техничките и рутинските задачи им ги препуштат на роботите“.
За македонските работници ова значи дека промените најверојатно прво ќе се почувствуваат во секојдневните задачи, а не нужно преку целосно укинување на работните места. Во една фирма тоа може да биде автоматска обработка на фактури, во друга електронска комуникација со клиентите, а во трета подготовка на извештаи што досега ги пишувале вработените.
И додека дел од работниците ќе мора да учат нови вештини за да останат конкурентни, автоматизацијата постепено стигнува и до директорските канцеларии. Разликата е во тоа што таму, барем засега, роботот многу почесто се разгледува како помошник отколку како нов шеф.
Б.З.М.