МАКЕДОНИЈА

Редовната работа добива редовен работноправен статус!

На 18ти месецов Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос ќе се најде пред пратениците во законодавниот дом. За ова законско решени веќе е започната процедурата за неговото усвојување. Според владеачката партија ВМРО ДПМНЕ тука има сериозна работа за подготовка на законското решение, низ собраниската постапка треба да се обезбеди правно издржано, правично и применливо решение за илјадници граѓани. Од партијата велат дека законот ќе обезбеди стабилно вработување наместо постојана неизвесност.

Што всушност ќе биде придобивката од ова законско решение? Mожност за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време за лицата опфатени со законот.

Потоа, поголема сигурност и целосни работнички права, тоа значи редовно вработување со правата што произлегуваат од него — платен одмор, социјална и пензиска заштита и поголема сигурност за иднината.

Исто така ќе има јасни рокови, наместо бескрајно чекање. Тоа значи, институциите ќе имаат законска обврска во рок од 90 дена да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Ќе постои и заштита додека трае трансформацијата. Заштита ќе биде од раскинување на постојните договори додека се чека стапувањето во сила на решенијата, освен во законски предвидените случаи.

А ќе има и конкретен рок за реализација, тоа значи, фазна трансформација, со предвидено стапување во сила на решенијата за преостанатите опфатени лица најдоцна до 31 декември 2027 година.

За во периодот што следи ќе се воспостави повеќе ред во идните ангажирања. Од 1 јануари 2028 година се предвидуваат ограничувања на договорните ангажмани, финансиска контрола и одговорност за непочитување на правилата. Власта има една цел, редовната работа да добие редовен работноправен статус, а трудот на луѓето да биде вреднуван како што заслужува. Затоа велат дека ова е можност да се покаже дека Собранието може да биде место каде што долгогодишните проблеми добиваат конкретни решенија.

„Со Предлог на законот за трансформација во редовен работен однос се пристапува кон системско решавање на долгогодишен, односно деценски проблем со кој се соочуваат голем број лица во јавниот сектор ангажирани со договор на дело, авторски договор или друг договор за извршување на работа. Овој начин на ангажирање, иако бил оправдан поради потребата од флескибилност и брзо ангажирање на неопходен стручен кадар, со текот на времето доведе до создавање на системски проблеми во однос на работните односи, правната сигурност и еднаквиот третаман на работниците“, стои во Предлог законот.

Според предлог текстот, Законот содржи 12 члена. Со членот 1 се уредува трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за работа на определено време, договор на дело, авторски договор, договор за отстапување на работник од страна на агенција за привремени вработувања или друг договор за извршување на работа во институциите опфатени со Предлогот на закон. Вториот чен на законот е за лицата кои можат да го остварат правото на трансформација во работен однос на неопределено работно време. Со членот 3 се уредува обврската на институциите да склучат договори за вработување на неопределено работно време, односно да донесат решенија за вработување со лицата опфатени со законот, во рок од 90 дена од денот на неговото стапување во сила. Со членот 4 се уредува постапката за обезбедување финансиска согласност од Министерството за финансии за трансформирање на работниот однос на неопределено работно време.

Во членот 5 е наведена постапката за пријавување на лицата со кои се склучени договори за вработување, односно за кои се донесени решенија за вработување, во Агенцијата за вработување. Исто така, се утврдува обврската на лицата кои ќе го остварат правото на трансформација во рок од шест месеци да ги исполнат општите и посебните услови за вработување на соодветното работно место, утврдени со закон и со актите за систематизација на институцијата.

Членот 6 ги уредува ограничувањата за понатамошно ангажирање лица со договори по извршеното трансформирање на работниот однос на неопределено работно време. Се пропишува дека институциите можат да ангажираат лица со договор за отстапување на работник од агенција за привремени вработувања, договор на дело, авторски договор или друг договор за извршување на работа, најмногу до 10% од вкупниот број на вработени на крајот од претходната година, со претходно обезбедена финансиска согласност од Министерството за финансии.

Со членот 7 се уредуваат исклучоците од ограничувањата за ангажирање лица предвидени во членот 6. Ограничувањата не се однесуваат на лицата ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокатите ангажирани за давање правни услуги, овластените сметководители и овластените сметководствени друштва ангажирани за вршење сметководствени работи, како и на стручните лица ангажирани за потребите на Бирото за процена, повремените набљудувачи во Управата за хидрометеоролошки работи и лицата за непосредно прибирање податоци во Државниот завод за статистика.

Следува членот 8 со кој се уредуваат прекршочните одредби, односно се утврдува глобата за лицето кое раководи со институцијата опфатена со законот, доколку постапува спротивно на одредбите од членот 6. За сторениот прекршок е предвидена глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.

Членот 9 ги уредува преодните прашања поврзани со лицата кои ќе склучат договор за вработување, односно за кои ќе биде донесено решение за вработување.

Со членот 10 се уредува дека со денот на влегувањето во сила на новиот закон. престанува да важи постојниот Закон за трансформација во редовен работен однос.

Членот 11 е за утврдување на почетокот на примената на одредбата од членот 6, односно се уредува дека ограничувањата за ангажирање лица со договори ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2028 година.

Со членот 12 се уредува влегувањето во сила на законот.

И.П