МАКЕДОНИЈА

Просечната плата во август 48 733 денари, програмерите остануваат најплатени

Компјутерските програмери со просечна плата од 110 468 денари, и понатаму остануваат најплатени работници во Република Македонија.

Според пресметките на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2026 година, изнесуваше 48 733 денари.

Во август 2026 година, во однос на август 2025 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 7.6 %.

Според ДЗС, Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 11.9 %, Административни и помошни услужни дејности за 10.7 % и Преработувачка индустрија за 9.0 %.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 5.4 %, Уметност, забава и рекреација за 5.0 % и Административни и помошни услужни дејности за 4.2 %.

Со просечна плата од 110 468 денари, програмерите се убедливо најплатени во државата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Втори на списокот топ пет најплатени професии се Научно истражување и развој, кои во ноември земале во просек 87 759 денари нето плата. Следуваат вработените во Складирање и помошни дејности во превозот со 72 871 денари, па вработените во Воздухопловен транспорт со 72 603 денари и последни од топ пет се вработените во Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати со 70 964 денари нето плата.

На другата страна на скалата, топ три најслабо платените професии во земјава се со минимум трипати и дури над четири пати пониски плати од професиите со највисоки примања. Така убедливо на дното се вработените во секторот “Заштитни и истражни дејности” со просечна плата од 28 249 денари. Следуваат вработените во секторот “Производство на кожа и слични производи од кожа” со 31 039 денари, па тие во “Рибарство и аквакултура” со 31 515 денари.