СВЕТ

„Произведено во Кина“ се приближува до пресвртна точка

Како што се случи со јапонските производи до 70-тите години, така и кинеското производство бара начин да се ослободи од својата „лоша репутација“ и да се вброи меѓу квалитетните стоки на светските пазари.

Во 1970-та година, вујко ми се врати од Јапонија со Годзила на батерии, пишува колумнистот на „Bloomberg“, Хауард Чуа-Еоан. Но, само неколку недели подоцна, чудовиштето престанало да се движи на своите дебели метални нозе. Кога ја погледнав ознаката за потекло на играчката, со разочарување открив дека е произведена во Јапонија, се присетува Чуа-Еоан.

Во тоа време, мислењето дека ознаката „Произведено во Јапонија“ е синоним за неквалитетен производ веќе повеќе од две децении било широко распространето. Во краток напис објавен во февруари 1953-та година во „The New Yorker“ се раскажува за дете кое за Божиќ добило механичко кадифено мече. Играчката пристигнала во кутија со натпис „Произведено во Јапонија“. Детето решило да ја „оперира“ и открило дека таа главно е составена од лименка за пиво „Schlitz“.

Дури и најпознатиот извозен производ на земјата во доцните 50-ти и во 60-тите години – транзисторското радио – не било целосно сигурно.

Но, до 1970-та година, негативната репутација на ознаката „Произведено во Јапонија“ почнала да ја губи својата основа. Светската изложба во Осака во 1970-та година била излог на уметничките и комерцијалните способности на земјата, а нејзината централна „Кула на сонцето“ и денес е препознатлив симбол на јапонската уметност, повеќе од половина век подоцна.

Во годините пред оваа светска изложба, Јапонија и нејзиниот народ макотрпно граделе репутација на прецизност и совршенство. Токио беше домаќин на Летните олимписки игри во 1964-та година – првпат игрите да се одржат во Азија. Тие беа поттик за воведувањето на „Шинкансен“, јапонскиот систем на брзи возови.

Во меѓувреме, фотоапаратите и објективите на „Nippon Kogaku“ ги претворале фотографиите на американските фоторепортери, а подоцна и на генерации аматери, во вистински ремек-дела. Квалитетот бил толку неочекуван за земја чии производи долго време биле предмет на потсмев, што во филмот на Стенли Кјубрик од 1964-та година, „Д-р Стрејнџлав“, еден од ликовите вели: „Чудно е што прават толку проклето добри фотоапарати“.

„Nippon Kogaku“ денес се вика „Nikon“. Компанијата која била главен производител на транзисторски радија првично се викала „Totsuko“ – кратенка од „Tokyo Tsushin Kogyo“. Денес ја познаваме како „Sony“. Десетици светски брендови денес го шират имиџот на јапонскиот квалитет низ целиот свет.

На подемот на „Nikon“ се потсетив додека ја читав приказната на мојот колега Вес Косова за глобалниот подем на кинеските потрошувачки брендови и за тоа како компанијата „Viltrox“ од Шенжен се пробила во елитното друштво на најдобрите светски производители на објективи за фотоапарати, пишува Хауард Чуа-Еоан.

Се шири и концептот „Chinamaxxing“, кој ја слави кинеската култура и прифаќањето на нејзините различни елементи во секојдневниот живот.

Повеќе не станува збор само за прифаќање на Западот на речиси стереотипни кинески навики, како што е пиењето топла вода, туку за незапирливиот подем на висококвалитетниот кинески извоз низ целиот свет.

Европската Унија (ЕУ), дом на некои од најконкурентните и технолошки најнапредните автомобилски производители во светот, се претвори во просперитетен пазар за кинеските хибридни и електрични возила. Како што заклучува извештајот на „HSBC Global Investment Research“ од јуни: „Кинеските автомобили се подобри“.

Иако потрошувачите во САД сè уште им се потсмеваат на овие автомобили, тоа е само затоа што имаат малку искуство со нив. Причината е што кинеските возила се практично блокирани од американскиот пазар поради царините од 100 проценти.

Европејците имаат поинакво искуство, бидејќи веќе се соочуваат со кинеските производители и во однос на цената и во однос на квалитетот. Тоа е сериозен предизвик од страна на Народна Република Кина, поради кој ЕУ од 2024-та година ја штити својата автомобилска индустрија со царини за електричните возила и преговара за квоти со кинеските производители – слично како што направи со јапонските автомобилски компании во 90-тите години на минатиот век.

Секако, освен приврзоците „Labubu“ на чантите, многу обични потрошувачи не се свесни дека голем дел од производите и трговските синџири што ги сакаат потекнуваат од Кина. Се чини дека и самите компании го прикриваат тој факт. Морав неколкупати да кликнам на веб-страницата на „Viltrox“ за да стигнам до хронологијата во која се наведува дека брендот потекнува од Кина.

Постојат и други начини на прикривање на потеклото. „Miniso“, продавницата за производи за животен стил и играчки, има седиште во Гуангжу, но нејзиното лого потсетува на јапонскиот гигант за брза мода „Uniqlo“.

Ваквите имитации ја одразуваат вродената несигурност во креативноста и малку придонесуваат за разбивање на репутацијата на Кина како земја која копира туѓи производи. Како признанието за земјата на потекло да може да им наштети на брендовите поради поврзувањето со евтините производи на „Temu“, онлајн-пазарот со кој управува „PDD Holdings“. Компанијата е основана во Шангај, но регистрираното седиште го префрлила на Кајманските Острови, додека нејзиното оперативно седиште е во Даблин.

Оваа воздржаност можеби ќе исчезне, бидејќи кинеските компании што произведуваат стоки за широка потрошувачка стануваат сè посигурни во однос на своето потекло. Поуката од Јапонија е дека гордоста на земјата на потекло е дел од самиот производ, дури и кога ознаката „Произведено во Јапонија“ не била комплимент.

„Со години ја чував мојата нефункционална Годзила на полица. Мислам дека сè уште се наоѓа некаде во старата семејна куќа на Филипините. Не сакав да се разделам од неа, затоа што, сепак, беше произведена во Јапонија“, пишува Чуа-Еоан.